Холандија од полноќ делумно ќе се затвори. Училиштата, продавниците што не продаваат витални производи, музеите, спортските сали, театрите, фризерските салони одат под клуч најмалку пет недели односно до 19 јануари.
Одлуката ја донесе холандската влада денеска, соопшти премиерот Марк Руте.
Тој најави дека учениците ќе се префрлат на онлајн настава од среда.
Додека тој ја соопштуваше одлуката обраќајќи се од неговиот кабинет, однадвор можеше да се слушне како демонстрантите го исвиркуваат.
„Реалноста е дека ова не е некој невин вид на грип, како што мислат некои луѓе, како на пример демонстрантите кои се надвор, туку вирус што може сите тешко да нè погоди“,
рече Руте.
Холандија е последната од европските земји кои одлучија да ги заострат мерките во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Од среда се затвора и јавниот живот во Германија. Сите продавници ќе бидат затворени, освен продавниците за дневни потреби за живеење (класични продавници за самопослужување), како и аптеките. Фризерски салони и други активности за услуги кои бараат близок контакт ќе бидат затворени.
Училиштата и градинките, исто така се затвораат. Часовите ќе бидат само онлајн, а поддршка ќе добијат само оние родители што не можат да се грижат за своите деца.
