И Заев и Мицкоски се согласни дека на средбата треба да стане збор за корона-кризата, евроинтеграциите и другите прашања кои се од интерес на граѓаните
Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, денеска најави одржување лидерска средба до крајот на годинава, која очекува да ја свика шефот на државата Стево Пендаровски, но ако тоа не се случи, тогаш тој ќе покрене иницијатива.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика претседателот на државата да свика лидерска средба, но не сум во тек што се случува. Доколку не се свика таква лидерска средба, јас би го контактирал денеска-утре претседателот на државата за една таква намера, доколку не, веројатно јас до крајот на годината ќе свикам лидерска средба и заради евроинтеграциите, но и заради справување со ковид-кризата и за сите други сфери на интерес за граѓаните за кои би можеле да дискутираме на средбата“,
рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по отчетот за сработеното во првите 100 дена на Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека треба да има лидерска средба, но најави дека неговата партија нема да учествува ако ја организира Пендаровски.
„Не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во оваа лидерска средба. Стево Пендаровски не е лидер на политичка партија. Ако е потребна поддршката на политичките партии, ние политичките партии да разговараме за нешто, тогаш се знае треба да седнат политичките партии и да разговараат. Се знае кој е тој што треба да ја свика таа лидерска средба. Ние неколкупати досега ја побаравме таа лидерска средба. Ако цени дека треба да седнат политичарите да разговараат на таа лидерска средба, стојам на располагање. Но, на еден формат кој би бил организиран од Стево Пендаровски нема да учествувам зашто не ја гледам улогата Стево Пендаровски“,
изјави Мицкоски додавајќи дека ќе учествува на лидерска ако иницијативата доаѓа од Владата.
Прашан со какви барања ВМРО-ДПМНЕ би настапила на лидерската средба, Мицкоски одговори дека прво треба да се случи лидерската средба, да се види кој ќе биде дневниот ред и врз основа на тоа ќе предложат и дополнување.
„Доколку и тоа дополнување се игнорира, нема да бидеме дел од лидерската. Не планираме да бидеме кловнови и да изигруваме циркуска атракција таму. Или ќе зборуваме за суштина или театри не ни требаат, доста е, народот е уморен“,
изјави Мицкоски.