Петар Ниновски имал почеток на кариерата како што многумина во земјава би посакале. Дипломирал и набрзо се вработил во меѓународна компанија, на добро платена позиција. Но, во 2015 година решил да оди подалеку од „македонскиот сон“. Отворил своја стартап-компанија, односно фирма која почнува од нула.

„Секоја компанија, на почетокот, кога сака да развие иновативна идеја што не е стандардна, што не е дуќанче, што не е пекарница, што сака да понуди иновативен продукт – почнува како стартап. Пробува со еден продукт, пробува со друг продукт, бизнис моделот го менува итн., додека не направи, тоа ние го нарекуваме ‘продукт маркет фит’, односно додека не извади продукт што ќе има доволен број клиенти кои ќе сакаат да го консумираат, да го купат, за да може да овозможи раст и проширување на компанијата итн.“,
објаснува Ниновски.
Производот што Петар го понудил на пазарот е квалификувана работна сила. Или, поедноставено, предвидел дека во светски рамки ќе почне да недостигаат работници во ИТ-секторот, па нашол начин како брзо да обучува таков кадар.
„Решивме да направиме компанија која ќе им овозможи на луѓе брзо да се стекнат со дигитални вештини, која подоцна ќе им помогне да се вработат и да започнат нова кариера и, дополнително, ќе им помогне на луѓе да се преквалификуваат, луѓе што веќе имаат други вештини да се преквалификуваат за да можат да започнат да работат во овие индустрии“,
раскажува тој.
Пет години подоцна стартап-компанијата на Петар – „Брејнстер“ има 30 вработени и стотина надворешни инструктори. Нивните програми за обука ги поминале повеќе од девет илјади луѓе, до пред корона-кризата во училница, а сега и онлајн. Освен во земјава, имаат канцеларија во Австрија, а од следната година и во Словенија и во Хрватска.

„Отворените работни позиции што ќе ги видиме во 2025 година – 50 отсто од нив сѐ уште не постојат. Толку брзо ќе се менуваат работите во иднина. Затоа образованието треба да одговори не само на моменталните потреби, туку и да предвиди што е следно што ќе треба луѓето да го знаат“,
смета Ниновски.
Бојан Трајковски е еден од производите на „Брејнстер“. Бил економист во „Национални шуми“ пред да се преквалификува, по што добил понуда да продолжи како инструктор, а се вработил и во една странска ИТ-компанија.

„Нема ограничувања ниту кога се работи од финансиска гледна точка, ниту, пак, во однос на скалилото по кое ќе се искачувате, почнувајќи од јуниор позиција, па се до сениор. Сето тоа зависи од вашите способности, колку брзо ги совладувате некои вештини, колку брзо се прилагодувате на нештото и одите напред“,
вели Трајковски.
Христијан Волкановски, пак, ја поминал академијата за дигитален маркетинг на „Брејнстер“ паралелно со студиите по туризам. Сега тој ја одржува интернет-страницата на невладината организација „Стартап Македонија“.

„Покрај тоа што факултетот ти го нуди, секогаш треба плус нешто од себе да дадеш, нешто ново, некој нов импулс за нови предизвици во животот, подобрување на кариерата и сл.“,
вели Волкановски.
„Стартап Македонија“, каде Волкановски ја добил првата работа, е организација која помага во поврзувањето на сите актери во стартап-заедницата во земјава. Основана е со помош на швајцарската програма за претприемништво „SwissEP“, од каде добива континуирана поддршка. Целта е на едно место да може да се сретнат образовните институции, инвеститорите и самите компании.


„Се направи дигиталната платформа на којашто буквално секоја стартап-компанија може да направи свој профил, секоја организација којашто дава поддршка, секоја институција која дава финансии или каков било придонес кон тие ‘стартапи’, исто така, може да се приклучи кон платформата. Тоа е идејата – сите да бидат на едно место и да можат понудата на услуги кон ‘стартапите’ да ја најде побарувачката на вистинското место.“
вели Дејан Алексов – претседател на „Стартап Македонија“.
Една од карактеристиките што го разликуваат „стартапот“ од „обичен бизнис“ се иновативноста и потенцијалот за брз развој.
„Во овој период, конкретно, претпоставувам дека ќе биде брзорастечки ‘стартап’ тој што ќе најде како да се адаптира на промените, а со ситуацијава тоа е да успее дигитално да ги пренесе своите услуги или продукти на начин на којшто не биле досега направени и да овозможи да ја дава својата услуга дигитално“,
смета Алексов.
На пример, стартап не може да биде бурекџилница?
„Ако бурекџилницата направи некој иновативен бурек и направи некоја иновативна машина за правење бурек којашто наместо, карикирам, пет часа го прави бурекот за пет минути со истиот или уште подобар квалитет од другите бурекџилници, тогаш еве го потенцијалот за брз раст“,
вели тој.

Добрата бизнис идеја и план се клучни предуслови за основање стартап-компанија. Но, за таа компанија да почне да работи, потребни се пари.

„Мора да се напомене дека многу им е тешко на новооснованите бизниси да пристапат до финансии, освен ако самите не стават свој колатерал, за да добијат средства од банка, но затоа се посебните банкарски инструменти. Тука се ‘ангел-инвеститорите’ коишто сакаат да помогнат на бизнисите и бараат начин како со својата експертиза, средства и мрежа да му помогнат на бизнисот. Бизнисот кога е во некоја подоцнежна фаза, односно веќе има продукт којшто се продава на пазарот и е потребна поддршка на растот и излегување на нови пазари, тука постојат ‘VC-фондовите’ односно фондови на ризичен капитал коишто овозможуваат инвестирање на големи средства за да може да се поддржи растот и да се скрати времето до успехот којшто бизнисот сака да го има.“
вели Игор Маџов – програмски директор на „Стартап Македонија“
А сите овие чинители го градат т.н. стартап еко-систем што е кратенка од економски систем. Тој има три столба: јавен сектор, приватен сектор и образование.

„Целата идеја и целата поента е колку повеќе луѓе разбираат што се тоа ‘стартапи’, кои се сите можности коишто постојат во овој еко-систем, да се инспирираат и мотивираат, тоа и го работиме – промена на начинот на размислување, дека постојат можности коишто не се само вработување во државна администрација или во банка, односно тој тип на ‘сигурна работа’, туку да се охрабрат дека ќе има кој да ги поддржи доколку сакаат да започнат свој биснис“,
вели Нина Николиќ – програмски директор на „SwissEP“.
Нина Николиќ работи во швајцарската програма за претприемништво „SwissEP“, која ги поддржува македонските старт-ап компании првенствено преку носење странски експерти.
„Работат со нив за да им го пренесат тоа знаење, да им го пренесат искуството, да им покажат што функционира, а што не функционира и заедно да го одиме тој процес, да собираме искуство од страна меѓутоа да си го моделираме развојот на нашиот еко-систем по наш терк. Заедно кога ќе ги одредиме тие цели на каде ќе се движи, тоа за нас ќе значи дека ја креираме новата економија во земјата и креираме можности не само наши сограѓани да се охрабрат и да започнат свој бизнис, меѓутоа гледаме дека има интерес и од странски државјани, имаме веќе неколку примери, коишто се решиле дека од тука можат да го започнат и да го менаџираат својот бизнис“,
додава Николиќ.
Таков пример е 31-годишниот Германец Карстен Броих, кој веќе две години живее во Македонија. Водел бизнис во Холандија, но по туристичка посета пред четири години, решил да отвори стартап-компанија во Скопје.

„Мислам дека типот на луѓето со кои работиме, вообичаено, се желни да учат и да се развиваат, бидејќи гледаат можност да се развиваат. Да се биде во можност да се пробуваат работи од овде од Македонија, со клиенти од целиот свет, можеме да експериментираме, понекогаш не успеваме. Истото тоа, на пример, би го немале во Холандија, каде сѐ мора темелно да биде испланирано, ништо не може да тргне лошо. Мислам дека тука е полесно да се преземат ризици и мислам дека во тоа уживам многу повеќе – тука да водам бизнис“,
вели Броих.
Неговата компанија сега има 55 вработени кои, без оглед на ковид-19, немаат потреба да доаѓаат на работа туку работат од дома – таков е ИТ-секторот. Карстен вели дека ужива да работи во македонски околности, но има и препораки како да се подобри овдешниот еко-систем.
„Најголемиот придонес што државата може да го направи е да се обиде да ги отстрани сите пречки со кои компаниите се соочиле во раните фази на формирањето. На пример, процесот на регистрација, воспоставување бизнис, колку често мораш да репортираш, бирократијата поврзана со тоа, да се размисли како би го средиле системот на плаќање. Мислам дека многу ИТ компании имаат клиенти од целиот свет, па клучно е да можат да примаат пари од сите места, дали преку страјп, пејпал, или различни системи на плаќање“,
смета Броих.
Дека во македонскиот еко-систем има многу „кочници“ за стартап-компаниите признаваат и од државниот Фонд за иновации и технолошки развој, чиј фокус се токму „стартапите“.

„Прашање е што не ги кочи, а не што ги кочи. Меѓутоа еве заедно со стартап-советот веќе работиме на некои од тие законски измени. Една од нив е ликвидирање на фирма. Стартап е фирма што ја отвораш, ја затвораш, можеби ќе успее, можеби не. Кај нас знаеме дека процесот на затворање на фирма може да трае година дена. Да, ќе ја отвориш за два дена, ама пробај затвори ја. Тука е законот за конвертибилен заем што ќе овозможи развој на бизнис-ангели – многу важен сегмент во ‘стартап еко-системот’. Ние ќе бараме менување на законот за странци со тоа што ќе креираме програма за дигитални номади односно луѓе од странство коишто би сакале да дојдат да живеат во Македонија“,
Коста Петров – директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Во последниве пет години Фондот поддржал околу 560 компании, од кои повеќе од половина се „стартапи“. Во нив државата вложила 23 милиони евра.
„Дали е тоа доволно? Не! Затоа што јас верувам дека „стартапите“ ја имаат моќта да направат трансформација на македонската економија и токму поради тоа во нашата среднорочна и годишна програма направивме еден столб што ќе се фокусира само на развој на македонскиот ‘стартап еко-систем’. Не зборувам тука само за финансиски инструменти, туку и законски промени и регулации, на некој начин да создадеме атмосфера, да ја покажеме моќта и колку всушност стартапите можат да придонесат кон креирање на една нова компетитивна економија и една поинаква слика за нашата земја“,
додава Петров.

Еден од чекорите за помош на стартап-заедницата е и најавата на Владата дека ќе понуди бесплатен простор и други потребни услови за стартап компании во комплексот „Македонско село“, на падините на Водно. На тој начин, комплексот отворено во 2016-та, кој во меѓувреме пропадна, би станал седиште на глобално ориентирано старт-ап село. Но, за приказната да биде успешна, потребни се добри идеи и инвеститори со кои, меѓу другото, ќе се подобри сегашната статистиката – еден од 10 стартап-бизниси да е вистински успешен.