„Меките“ рестрикции не ги дадоа очекуваните резултат, поради што канцеларката Меркел и премиерите на федералните покраини вчера донесоа заострени мерки
Од среда, 16 декември, јавниот живот во Германија ќе биде „замрзнат“. Поради сѐ поголемиот број новозаразени со новиот коронавирус, канцеларката Ангела Меркел и премиерите на федералните покраини викендов одлучија да ги заострат мерките, со кои досегашниот „мек“ карантин ќе стане карантин во вистинска смисла на зборот.
„Ние сме принудени да дејствуваме и тоа го правиме сега“,
истакна канцеларката Ангела Меркел на прес-конференцијата.
Заедно со премиерите на сојузните држави, на состанокот, е донесена одлука дека сегашните правила за борба против ширењето на коронавирусот ќе бидат засилени. Сите продавници ќе бидат затворени, освен продавниците за дневни потреби за живеење (класични продавници за самопослужување), како и аптеките. Фризерски салони и други активности за услуги кои бараат близок контакт ќе бидат затворени.
Училиштата и градинките, исто така се затвораат. Часовите ќе бидат само онлајн, а поддршка ќе добијат само оние родители што не можат да се грижат за своите деца.
Меркел апелираше до работодавците да им дозволат на своите работници да работат од дома што е можно повеќе со цел дополнително да ги намалат контактите. За да ги ублажи економските загуби, министерот за финансии Олаф Шолц вети дека ќе им помогне на компаниите погодени од новите мерки. Тој очекува дека овој пакет помош III, како што го нарече, ќе чини 11 милијарди евра месечно.
Затворените ресторани (од 2 ноември) и понатаму ќе можат да доставуваат храна.
Мерките ќе бидат привремено олеснети од 24 до 26 декември. Во овој период, на едно домаќинство ќе му биде дозволено да се состане со дополнителни четири лица од потесното семејство. Меркел апелираше до населението да воведе „недела на заштита“ пред празниците со цел да се намали ризикот од инфекција на семејните собири, односно да се намалат нивните контакти на минимум седум дена претходно.
За Нова година повторно ќе се применуваат построги правила.
Покрај тоа, продажбата на пиротехника е забранета.
Баварскиот премиер Маркус Содер, потегот го оправда со моменталната состојба во болниците: Службите за итни случаи веќе нема да имаат капацитет за очекувани случаи за луѓе кои би биле повредени од петарди. Покрај тоа, јавната потрошувачка на алкохол ќе биде забранета од 16 декември до 10 јануари.
Мерките ќе бидат во сила најмалку до 10 јануари.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска предупреди дека ситуацијата со пандемијата на коронавирусот во земјата е крајно сериозна, а мерките што се воведуваат од среда ги нарече досега невидени во историјата на земјата.
Штајнмаер апелираше до своите сограѓани да направат дополнителни напори за да помогнат во спроведувањето на овие нови ограничувачки мерки.
