Државната изборна комисија (ДИК) обработи 99,8 отсто од регистрираните (41 777) гласачи во Штип. За изборите да бидат успешни потребна беше една третина од вкупниот број гласачи или минимум 13 926 да излезат на гласање. Од над 99 отсто обработени гласачи, гласале 14 467 граѓани, што е за околу 500 гласа над потребниот минимум.
Од досега обработените гласови, кандидадот на СДСМ, Сашко Николов, доби мнозинска поддршка од штипјани со 11 626 гласа или над 80,3 отсто од вкупните гласачки ливчиња.

Втор зад Николов заврши кандидатот на Интегра, Симон Поликарп – Џими, со 1 192 гласа или 8,2 отсто.
Останатите тројца кандидати за градоначалник имаат приближно ист број гласови, а моментната состојба е: 284 гласа за Лазар Николов од партијата ТМРО, 283 гласа за независниот кандидат Трајче Митев и 269 гласа за Гоце Анѓелов од коалицијата „Иднината во наши раце“, составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија.
Од досега обработените гласачки ливчиња вкупно 813 или 5,6 отсто се неважечки.