Двете владејачки партии СДСМ и ДУИ ги задржаа градоначалничките места
Поради бојкотот на ВМРО ДПМНЕ, изборите во Штип беа битка (за СДСМ) за обезбедување на неопходната излезност
Предвремените локални избори во општините Штип и Пласница завршија во првиот круг со победи на Сашко Николов од СДСМ (во Штип) и Алија Јаоски од ДУИ (во Пласница).
Во двете општини, особено во Штип, прашањето не беше кој ќе победи, зашто фаворитите се знаеја, туку дали ќе се достигне законски пропишаната минимална излезност од една третина од регистрираните гласачи. На крај и на двете места одѕивот отиде над 33,33%.
Заев: Штипјани го казнија раководството на ВМРО ДПМНЕ
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, го прогласи нивниот кандидат Сашко Николов за победник и испрати порака дека со денешните успешни избори, штипјани го казниле раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните на Штип испратија порака и до бојкотирачот кој повторно избега од својот народ, граѓаните го казнија неодговорното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кажаа ’да‘ за грижата, одговорноста и стабилноста, а ’не‘ за блокадите, бојкотот, лаги стравови и хистерии“,
рече Заев и оцени дека изборите биле фер, слободни и демократски, а најважно од сè безбедни.
Новиот градоначалник Николов рече дека штипјани го избрале европскиот пат и покажале општествена одговорност.
„Ние граѓаните денеска демонстриравме одговорност и европска политика. Со сите опструкции кои ги имавме во предизборниот молк, денеска граѓаните рака за рака си го изгласаа новиот градоначалник. Моите сограѓани ми дадоа обврска која лично ја преземам, а тоа е да има рамноправност, грижа и потпора за секој граѓанин. Покрај сите опструкции на ВМРО-ДПМНЕ, кои немаа храброст да дадат противкандидат, покажавме дека остануваме на европски пат. Денот го поминавме седејќи на кафе, без притисоци и опструкции, тоа значи дека демократијата во Штип е вратена“,
рече Николов.
ВМРО ДПМНЕ: Во Штип имаше мафијашки избори
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, сметаат дека изборите биле потенцијален ризик за зголемување на бројките на заболени со ковид-19 и обвинија за поткуп, закани и притисоци врз граѓаните.
„Најлошо е што политичкото лудило на Заев создава нов кластер ‘избори во Штип’, чија цена се здравјето и животите на штипјани. Подеднакво одговорен за ова е и кандидатот Сашко Николов, кој по сето ова граѓаните нема да го паметат како доктор, туку како политичар за зараза. Се борел за фотелја газејќи преку докторската етика, животите на штипјани со притисоци, поткуп и закани“,
реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, штипјанецот Иван Јорданов, отиде чекор понатаму и изборите во Штип ги прогласи за мафијашки. Тој тврди дека гласови се купувале по цена од над 200 евра.
„Денес цел Штип беше сведок на мафијашки избори организирани од Зоран Заев, и двоецот Бочварски – Николов. Заев среде корона организираше на сила избори само за да ја спасат власта во Штип. Вадеа луѓе болни со корона без никакви протоколи. Се истурааа со пари за глас повеќе, а цената за глас достигнуваше нешто над 200 евра. Се правеа притисоци, закани и уцени само за да ja зачуваат градоначалничка фотелја. Цела држава ја кренаа на нозе за само еден градоначалник. И извојуваа пирова победа, која денес штипјани скапо ја плаќаат со своето здравје“,
рече Јорданов.
Во Пласница и по Јаоски – Јаоски
Во Пласница, очекувано, победи кандидатот на ДУИ, Алија Јаоски, кому прв му честиташе лидерот на партијата Али Ахмети. Преку објава на социјалните мрежи, Ахмети рече дека победата на Јаоски е потврда за волјата на граѓаните и поддршка на политиките на ДУИ.
Јаоски вели дека ќе биде градоначалник на сите и дека ќе работи 24 часа во општината.
„Функцијата ќе ја извршувам чесно и ќе продолжам каде што застана претходниот градоначалник, ќе продолжам да ги реализирам започнатите проекти за овие 10 месеци. Им благодарам на сите што гласаа, но и на тие што не гласаа, јас ќе бидам градоначалник на сите, ќе работам 24 часа во Општина Пласница“,
рече Јахоски.
Алија Јаоски е брат на Исмаил Јаоски, долгогодишен градоначалник на Пласница, кој на последните парламентарни избори беше избран за пратеник од листата на ДУИ.