Според излезноста до 13:00 часот, која ја објави ДИК, Штип е на половина пат до исполнување на цензусот, додека Пласница е поблиску
ОБНОВЕНО: Податоците на ДИК за излезноста до 15:00 часот, покажуваат дека во Штип гласале 9 620 лица, а за да се достигне потребната излезност до затворањето на избирачките места треба да гласаат уште 4 306 гласачи. Пласница, пак, го достигна прагот со тоа што досега глсаа повеќе од една третина односно 1 658 од вкупно 4 954 гласачи
Општините Штип и Пласница денеска избираат нови градоначалници, кои ќе имаат мандат од 9 месеци односно до одржувањето на редовните локални избори есента 2021 година.
Меѓутоа, за да бидат успешни денешните избори треба да гласаат една третина од гласачите, во спротивно изборите ќе пропаднат и целата постапка ќе се спроведува од почеток.
„Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на градот Скопје не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина“,
пишува во ставот 2, член 132 од Изборниот законик.

Каква е моменталната состојба со излезноста?
Според излезноста до 13:00 часот, која ја објави Државната изборна комисија (ДИК), Штип е речиси на половина пат до исполнување на цензусот, додека Пласница е поблиску. Гласањето започна во 7:00, а ќе заврши во 19:00 часот.
На половина дена ден од изборниот ден (до 13 часот) во Штип гласале 6 938 лица (16,61) од вкупно 41 777 гласачи во Избирачкиот список. За да успеат изборите правото на глас треба да го искористат најмалку 13 926 штипјани што значи дека до затворањето на избирачките места треба да излезат уште 6 988 гласачи.
Во Пласница,пак, право на глас имаат 4 954 жители. До 13:00 часот тоа го оствариле 22,35% или 1 107 гласачи, а за да се достигне прагот од една третина (1 651) треба да гласаат уште 544 граѓани.
Во Штип има пет кандидати за градоначалник, а во Пласница двајца.
Изборниот законик предвидува дека за да се победи во првиот круг, покрај условот од една третина излезност, кандидатот треба да освои мнозинство гласови од оние кои гласале.
Во спротивно, во рок од 14 дена се одржува втор круг на избори. Доколку има втор круг на овие избори, тој би се одржал на 27 декември.

Штип и Пласница избираат нови градоначалници затоа што претходните заминаа на нови функции во извршната и законодавната власт. Предвремените избори се организираат бидејќи, како што предвидува Изборниот законик, до наредните редовни избори има повеќе од шест месеци.

ОБНОВЕНО
Податоците за излезноста до 15:00 часот, покажуваат дека Пласница ја достигна потребната излезност од една третина. До 15 часот, гласале 1 658 лица (33,47%) од вкупниот број на гласачи – 4 954.
Во Штип, пак, најновите податоци покажуваат дека одзивот е 23,03%. Право на глас имаат 41 777 штипјани, а до 15:00 часот тоа го оствариле 9 620. За да се достигне една третина до затворањето на избирачките места во 19:00 часот треба да излезат вкупно 13 926 или уште 4 306 гласачи.