На протестите дошло до судири со контра-демонстрантите и според последните информации објавени од полицијата во Вашингтон, неколку лица биле прободени со нож за време на демонстрациите, а повеќе од 20 лица биле уапсени
Приврзаниците на Доналд Трамп, повторно протестираа против изборниот резултат поддржувајќи го во неговите тврдења дека демократите му ја украле победата.
Организаторите на протестите „Запрете ја кражбата“, вчера организираа протести на повеќе локации, меѓу кои и во Вашингтон, што доаѓа два дена пред да се состанат електоратите од Изборниот колеџ со цел и формално да го изберат новиот претседател. Поделени во помали групи, демонстрантите се движеле низ Вашингтон и стигнале до Врховниот суд и Конгресот.
На протестите им се приклучиле и околу 200 членови на „Гордите момчиња“, кои важат за екстремно десничарска група, а како што јавува американските медиуми, во центарот на Вашингтон дошло и до судири помеѓу поддржувачите на Трамп и контра-демонстрантите односно приврзаниците на новоизбраниот претседател Џо Бајден и движењето „Црните животи се важни“.
Судирите меѓу двете групи ескалирал, па полицијата интервенирала и употребила солзавец. Според последните информации објавени од полицијата во Вашингтон, неколку лица биле прободени со нож за време на демонстрациите, а повеќе од 20 лица биле уапсени.
Мандатот на Трамп истекува на 20 јануари, но тој и понатаму не сака да го признае поразот, изнесувајќи тврдења за изборни измами. Поднесе и повеќе тужби пред судовите во неколку сојузни држави, но сите му беа одбиени бидејќи нема докази.
Во петокот и Врховниот суд одби една тужба, поддржана од Трамп, а со која сојузната држава Тексас бараше поништување на резултатите во четири други држави (Џорџија, Мичиген, Пенсилванија и Висконсин). Судот кратко соопшти дека Тексас не покажал „правно препознатлив интерес за начинот на кој друга држава ги спроведува своите избори“.
