Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција повторно побара лидерска средба откако претходно ја обвини Владата за низа неуспеси по истекот на првите 100 дена од формирањето.
„Повторно ја актуализирам потребата од лидерска средба на која ќе разговараме за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во нашата Македонија. Веднаш лидерска средба за понатаму да можеме заеднички да ја градиме нашата Македонија“,
побара Мицкоски.
Обвинувајќи ја Владата дека ги имала најлошите 100 дена во историјата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека врвот на загубите, круната на загубите е ова последно ветото за ЕУ.
„Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето кој не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и неговата „домат“ меѓународна политика. После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина. Ја лажеше јавноста дека ќе има европска иднина, се откажа од Македонија, и продолжи со скандалозното интервју на бугарскиот медиум да се откажува од идентитетот. Тоа и де факто не му успеа затоа што се случи народ“,
рече Мицкоски.
Првите 100 дена од владата, според него, се и продолжение на четирите досегашни години на загуби со оваа владејачка гарнитура.
„Ветуваа живот, а после оној предизборен инженеринг во избори во коишто се служеа се, само не со предизборна програма уценуваа, се закануваа, поткупуваа, менуваа закони, буквално се, само не со политичка платформа, составија влада со ветување ’Можеме повеќе, можеме подобро‘, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка втор ТАТ афера тешка 200 милиони евра, поскапи електричната енергија, 1 400 животи се загубија поради отсуство на стратегија и акутната неспособност во здравството“,
рече Мицкоски.