Доказите кои биле собрани во истрагата не даваат основа за двајцата лидери да може да се гонат за некакво кривично дело, а „бомбите“ според новиот Закон за јавно обвинителство не може да бидат докази
Ахмети негирал вина, а се бранел и со тоа дека можело да дојде до меѓуетнички тензии и до злоупотреби и од двете страни
Членовите на пописната комисија сведочеле дека уште за време на спроведување на пописот имало несогласувања и спорни околности
По речиси 2 години и 9 месеци од отворањето, истрагата за нереализираниот попис во 2011 пропадна. Обвинителството донело наредба за запирање, бидејќи не се собрани доволно докази за да може кривично да се гонат експретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и бивш премиер Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Вештачењето покажало дека за организација и спроведување на пописот, кој беше планиран за пред девет години, биле потрошени 175 033 909 денари (нешто повеќе од 2,8 милиони евра) од државниот буџет, меѓутоа отсуствуваат докази дека Груевски и Ахмети ја злоупотребиле службената положба и овластувања и го прекинале пописот.
Случајот „Попис“ го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во март 2018 година, а лани во септември со останатите предмети, тој премина во рацете на редовните обвинителства откако бившата специјална обвинителка Катица Јанева даде такво овластување.
По примопредавањето, истрага за „Попис“ заврши под капата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а обвинителката Фатиме Фетаи остана надлежна за случајот.
„Бомбите“ повеќе не се докази, но и да беа не се доволни – нема други за кривично дело
Во објаснувањето зошто е запрена истрагата, еден од сегментите на кои се осврнуваат од обвинителството се „бомбите“, врз кои се темелела наредбата за отворање на истрага од март 2018 (период кога прислушуваните разговори можеа да се користат како докази).
Разговорите, велат од обвинителството, иако биле на тенка линија помеѓу евентуална умисла и свесна небрежност упатувале на основно сомневање дека Груевски и Ахмети сториле злоупотреба на службената положба и овластување. Но, со новиот Закон за јавно обвинителство, кој стапи на сила на 30 јуни годинава, материјалите од незаконското следење на комуникациите не може да се користат како докази. И да можеше, исто како и останатите докази, не се доволни за да се подигне обвинение.
„Непосредните докази прибрани во текот на истрагата не упатуваат дека осомничените преземале дејствија со кои би биле исполнети законските обележја на делото за кое се гонат или за кое било друго дело за кое се гони по службена должност. Во случај и да постоеше законска можност за користење на прислушуваните разговори како непосредни докази во овој предмет, имајќи ја предвид нивната содржина квалитет и квантитет, освен за основано сомневање како низок степен на веројатност дека е сторено кривично дело, не се доволни за подигнување на обвинение со кое би можело да се очекува донесување на осудителна пресуда“,
објаснуваат од обвинителството.
Членовите на пописната комисија го оспорувале пописот уште додека го подготвувале
Меѓу сведоците кои се сослушани во истрагата биле и членовите на Државната пописна комисија. Во одговорот од обвинителството, не се посочува дека тие зборувале за некаков договор на политичките лидери, туку анализата на нивните сведочења упатила на заклучок дека постоеле несогласувања уште за време на подготовките за пописот.
Спорните околности биле поврзани со: составот на тимовите што требало да вршат попис; попишувањето на дијаспората; документите врз основа на кои ќе се врши пописот итн.
„Ваквите околности заради различното толкување од страна на членовите на комисијата, кои припаѓале на различни етнички заедници, довеле до неверување дека пописот може успешно да се спроведе и да се добијат реални резултати, како и несогласување помеѓу нив поради што во два наврати членовите на комисиите давале оставки“,
наведуваат од обвинителството.
Ахмети не негирал дека разговарал со Груевски, но негирал кривично дело
Од обвинителството посочуваат и дека во текот на истрагата испитале еден од осомничените. Познато е дека станува збор за Али Ахмети, за што информираа и медиумите, додека Груевски е недостапен по бегството во Унгарија.
Ахмети во целост го негирал кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување и пред обвинителството укажувал дека во 2011 кога требало да се реализира пописот, постоела можност за меѓуетнички тензии, а имало и бројни сомнежи за злоупотреби и од двете страни.
Сето тоа, според лидерот на ДУИ, укажувало дека нема реални услови за да се спроведе квалитетен и законит попис.
„За да се прекине ваквата ситуација некој морал да преземе иницијатива или одговорност, па до Собранието било предложено да престане да важи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, а пописот да се направи кога ќе се создадат вистински услови за тоа. Осомничениот од позиција на лидер на политичка партија не можел да им наметне на пратениците како да гласаат бидејќи сите биле свесни за тешкотиите на терен при обидот за спроведување на процесот, притоа потврдил дека со второосомничениот зборувале на оваа тема што било сосема нормално, имајќи ги предвид околностите поврзани со реалните проблеми кои постоеле на терен“,
велат од обвинителството во однос на тоа како се бранел Ахмети.
Кога пред околу 2 години и 9 месеци беше отворена оваа истрага, „360 степени“ анализираше како пропадна пописот во 2011. Погледнете ја сторијата во продолжение: