Министерот Османи попладне ќе одржи прес-конференција за заклучоците од министерскиот совет на ОБСЕ во Тирана
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска попладне ќе одржи тематска прес-конференција за заклучоците од дводневниот министерскиот состанок на ОБСЕ, што почна вчера во Тирана.
На годишниот министерски совет на ОБСЕ, С Македонија поднесе кандидатурата за претседавање со организацијата во 2023 година, за што одлуката требаше да биде соопштена синоќа, како што објави Османи на Фејсбук.
Кандидатурата е на предлог на македонското МНР, а со одлука на Владата.
Османи во текот на ноември соопшти дека со писмо го известил премиерот на Албанија Еди Рама, сегашен претседавач на ОБСЕ, со што и формално нашата кандидатура ќе биде ставена на дневен ред на декемврискиот состанок на Организацијата.
С Македонија годинава одбележа 25 години од членството во ОБСЕ и ова е прва кандидатура за претседавање со организацијата.
„Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија како конструктивен актер и контрибутор во промоција на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја членка на НАТО и идна земја членка на ЕУ“,
истакна тогаш Османи.
На годишниот министерски совет на ОБСЕ во Тирана се очекува земјите членки да постигнат договор за избор на неколку најважни позиции во оваа најголема регионална безбедносна организација.