Какви се компаративните искуства за работата на парламентите во време на пандемијата на ковид-19
Додека траат натегањата за онлајн-вклучување на пратеници кои се во изолација, спикерот Џафери бара „спас“ во амандманот 10 од Уставот за барем да тече расправата за точките на дневен ред
Буџетот за следната година, ваучерите од последниот пакет-мерки на Владата, барањето за продолжување на кризната состојба во земјава… се само дел од точките чие донесување може да биде заглавено во парламентот, кој сето ова време се соочува со проблеми со кворумот, поради ситуацијата со ковид-19 и поради која постојано некој од пратениците, од и без тоа тенкото мнозинство, е во изолација.
Минатата седмица, откако сите пратеници од мнозинството кои беа во изолација се вратија на работа, парламентот успеа да ја почне постапката за измени на Деловникот, во скратен процедура. Но неизвесно е дали ќе има кворум и за нејзино завршување во брзо време, со цел да се создадат услови за онлајн-вклучување во работата на парламентот на пратеници кои се во изолација поради ковид-19.
Опозицијата не само што се спротивставува на можноста за работа од далечина на одредени пратеници туку и најавува жестока реакција во случај измените на Деловникот да бидат донесени без консензус. На можноста за онлајн-вклучување на пратеници во собраниските расправи и гласања се спротивставуваат сите опозициски групи во парламентот, кои здружено бројат дури 58 членa.
И додека траат натегањата за онлајн-вклучување на пратеници кои се во изолација, спикерот Талат Џафери бара „спас“ во амандманот 10 од Уставот. Со овој амандман е изменет членот 69 од Уставот, така што Собранието може да расправа и доколку нема 61 пратеник во салата. Сепак, кворум е неопходен за да може да се премине на гласање и за закони за чие донесување не е потребно апсолутно мнозинство.
СДСМ и денеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ја блокира работата на Собранието, посочувајќи дека, во услови на сериозна светска пандемија на коронавирус, тоа е мошне „опасно, штетно, неодговорно и срамно однесување“.
„Немањето сопствен став, мерка или политика, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го надоместат со тоа што ќе им предизвикаат штета на граѓаните во време кога им е неопходна помош од државата. Затоа бесрамно се обидуваат да блокираат носење важни закони, меѓу кои и оние за ваучерите од 6 000 денари, за помош на пензионерите, самохраните родители, слободните уметници и филмски работници, како и мерките за помош на лозарите“,
велат од СДСМ.
Од владејачката партија велат дека деструктивноста, антидржавното и антинародно однесување на ВМРО-ДПМНЕ може да ја забави, но нема да ја спречи функционалноста на институциите.
„Со или без ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ќе добијат функционално Собрание посветено на реформите важни за државата и граѓаните“,
се наведува во соопштение на СДСМ.
Во Собранието моментно тече расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет за Буџетот за 2020 година, која треба да заврши за четири дена. Потоа, буџетот треба да оди на пленарна седница, која трае максимум пет дена, пред да се гласа за негово донесување.
Исто така, вчера Владата подготви предлог за продолжување на кризната состојба поради ковид-19, за што овој пат одлука треба да донесе Собранието.
Сепак , донесувањето на овие точки може да биде заглавено доколку не се изгласаат измените на Деловникот за работење од далечина и ако, и покрај тоа, опозицијата опстои на намерата да не му прави кворум на владејачкото мнозинство.
Анализата на Парламентарниот институт за работата на парламентите во други земји за време на пандемијата укажува дека главно се изведени три форми на работа на законодавните власти.
- Парламентите продолжуваат да се состануваат физички, ама со ограничувања, кои може да вклучат намалување на бројката на пленарни седници или комисии; намален број на пратеници и вработени во собраниските служби, промена на местото на одржување на седниците.
- Парламентот продолжува да се состанува преку користење на методите на далечина, преку различни онлајн-платформи. Многу парламенти покренуваат опции за работа од далечина, што покренува голем број прашања за правна основа на далечинското работење, безбедност, автентикација. Друг фактор е капацитетот на парламентарниот персонал да воспостави нови решенија, додека самите се предмет на мерки на социјално дистанцирање.
- Парламентите не одржуваат седници. Некои парламенти, како што е во Обединетото Кралство, направија пауза, откако изгласаа многубројни итни мерки. Други, како што е случајот во Нов Зеланд, ги сменија своите оперативни процедури, така што заседава специјален комитет, наместо целиот парламент.