Судијата од Апелациониот суд Гостивар и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски, по 24 часа бегство, утрото сам се пријавил кај судијата Седат Реџепагиќ во Основниот суд Скопје 1, објави сдк.мк. Обвинителството за организиран криминал и корупција го сомничи за нелегална приватизација и легализација на државен имот во Тетово. Во рамки на истрагата осомничени се осум лица а полицијата вчера приведе пет службеници од Општина Тетово.
Групата, на чело со судијата Теофиловски, со серија незаконски дејства го оштетила државниот Буџет за 860.000 евра.
Теофиловски, кој е првоосомничен, полицијата не го најде дома. Беше најавено и распишување потерница по него.
Обвинителството бараше притвор за осомничените, но судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ им ги одби барањата.
„Судијата на претходна постапка на четири осомничени лица со решение им определи мерка куќен притвор, а за еден осомничен се определени мерки на претпазливост. За двете лица за кои обвинителството предложи мерки на претпазливост, судот ќе одлучува во денеска за кога лицата се повикани да се јават пред судијата на претходна постапка“,
изјавија од ОЈО за гонење на организиран криминал.
Обвинителството бара мерка притвор за Теофиловски, но ако тој се повика на судискиот имунитет, Судскиот совет денеска ќе треба итно да се состане и да одлучи за колегата.
„360 степени“ вчера објави дека за случајот против судијата и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски, од МВР поднеле кривична пријава против 13 лица, но од ОЈО за гонење на организиран криминал решиле да гонат само 8-мина