Имајќи го предвид развојот на добрососедските односи помеѓу нашите две држави, особено за олеснување на меѓународната положба на нова Бугарија, а и сметајќи дека учеството на бугарската војска во заедничките операции може да биде корисно, по советувањето со другарите од Врховниот штаб, јас дадов позитивен одговор, сведочи Тито
„Повторно од вас не добиваме воени извештаи. Ова е политички многу незгодно. Исто така, јавувате за заеднички акции на нашите и на бугарските трупи.“ Ова го напишал Јосип Броз Тито во дописот што го испратил до Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, на 30 октомври 1944 година, период во кој партизаните во Македонија имале организирани борбени акции против германскиот окупатор заедно со бугарски војници. Писмото е јавно објавено во едицијата „Собрани дела“ на Јосип Броз Тито (том XXIV, страница 146), достапна онлајн на интернет-страницата на белградскиот Институт за современа историја.
Две седмици порано, на 14 октомври 1944 година, Тито испратил допис и до еден од своите блиски соработници, Арсо Јовановиќ (страница 68), од кого, исто така, бара да го известува за бугарските трупи што во 1944 година им се приклучиле на партизанските единици во Југославија.
„Треба да јавувате за ’Слободна Југославија’ и за учеството на бугарските трупи. Бугарите го зазедоа Лесковац со помош на нашите единици. Сега нашите и бугарските единици водат жестоки борби во секторот Ниш. Освен тоа, бугарските трупи водат и силни борби во реонот на Плоча. Политички е некоректно што досега молчевте за учеството на бугарските трупи во борбите“,
се цитира дописот на Јосип Броз.
На 4 ноември 1944 година, Тито испраќа уште едно писмо до Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.
„Германците нагло се повлекуваат од југ кон Косово и Метохија, од каде што се обидуваат да се пробијат преку Санџак кон Сараево. На секторот Куманово – Приштина сериозно се загрозени од нашите и бугарските единици. Кај вас се преостанати мал број германски сили кои нема да се повлечат додека вие не ги разбиете.
Важно е да ги ослободите градовите и граничниот појас кон Грција. На границата кон Грција да ги држите сите градови, превоите и комуникациите. Без наше одобрение да не пуштате ничии трупи на наша територија. Многу е важно што побрзо да се заземат Гевгелија, Битола и Дојран“,
напишал Тито во овој допис.
Во истата книга се пренесува и оригиналната содржина на писмото што бугарските власти го испратиле до Јосип Броз Тито во знак на благодарност што ѝ овозможил на Бугарија да застане на вистинската страна на историјата.
„На вашиот светол пример нашиот народ учи за вооружената партизанска борба против Хитлеровите и бугарските агенти. Нашиот народ се чувствува виновен кон југословенските народи, особено кон српскиот и македонскиот, што дозволи Германците да го направат поробувач, а од бугарската војска да направат Хитлерова полиција на Балканот. Бугарскиот народ е спремен што подобро да го избрише срамниот спомен за ова и да отвори пат за вечен, нераскинлив сојуз помеѓу јужнословенските народи. Ни вам ви должиме вечна благодарност за поддршката и братската помош со која се создадоа првите партизански одреди“,
се вели во дописот на врвот на ЦК на Работничката партија на Бугарија до Тито.
Лично Тито склопил пакт со бугарската народна војска
Во книгата „Битка за Србија“ од Петар Вишниќ, посветена на конечното ослободување на Србија од фашистите, пренесен е дел од говор на Јосип Броз одржан во Високата воена школа на Југославија. Во таа пригода Тито говорел:
„Кога од Москва стигнав во Крајова, Романија, дојде една бугарска делегација на чело со Добри Терпешев (потпретседател на владата) и еден армиски генерал, да зборуваат со мене за можноста бугарската војска да учествува во завршните операции против Германците. Кажаа дека ЦК на Бугарската партија моли да ѝ допуштиме на бугарската, сега Народна армија, заедно со нашата народноослободителна армија, да води борба против Германците. Нагласија дека тоа е неопходно за да се испере срамот што го нанела фашистичката влада на Бугарија со тоа што војувала на страната на фашистичка Германија и ги окупирала Македонија и дел од Србија. Признавам дека многу се мислев, затоа што знаев дека тоа нема лесно да помине кај нашиот народ. Побарав од Штабот во Македонија итно да ми јави како народот гледа на бугарската војска по капитулацијата и дали соработката со бугарските трупи против Германците би предизвикала незадоволство. Тогаш во пораката до нив наведов дека и понатаму мислам дека соработката со поранешна окупаторска војска ќе има поголема штета за нас отколку полза. Меѓутоа, имајќи го предвид развојот на добрососедските односи помеѓу нашите две држави, особено за олеснување на меѓународната положба на нова Бугарија, а и сметајќи дека учеството на бугарската војска во заедничките операции може да биде корисно, по советувањето со другарите од Врховниот штаб, јас дадов позитивен одговор.“
На состанок со бугарска делегација Тито потпишал декларација за заеднички операции на дел од југословенската територија. Во својата книга Вишниќ го пренесува оригиналното соопштение кое е издадено од претседателот на Националниот комитет на Југославија, во кое се наведува:
„Постигната е согласност за воена соработка во борбата против заедничкиот непријател. Сите прашања што потекнуваат од сојузничките односи и пријателската соработка со Бугарија ќе се решаваат во духот на братските и заедничките интереси на народот на Југославија и народот на Бугарија. Делегатите од Бугарија изразија подготвеност да сторат сѐ за да ја исправат неправдата што им ја нанеле на народите во Југославија преку фашистичките елементи во бугарската влада и дека ќе се заложат за нормализација на односите.“