Многу очекување, малку резултати. Вака се оценува досегашниот „животен век“ на Законот за заштита на укажувачите, кои во јавноста се познати како свиркачи. Зошто? На граѓаните не им е јасно што значи да се биде укажувач, а надлежните институции не преземаат доволно активности за негова примена ниту, пак, се до крај подготвени за прием на пријави од укажувачи.

Овој одговор произлегува од анализата и истражувањето кое го спроведе невладината организација Форум – ЦСИД (Центар за стратешки истражувања и документација), во рамки на проектот „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција”, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Законот за заштита на укажувачите е еден од последните инструменти што земјава ги доби за борба против корупцијата. Собранието го донесе уште во ноември 2015 г., што беше плод на познатите „пржински преговори“ кои се одвиваа во период на длабока политичка криза.
Меѓутоа, и покрај тоа што на хартија се вградени највисоките меѓународни стандарди, истражувачите сметаат дека Законот и по четири години сè уште не заживеал доволно.
„Во суштина, станува збор за недостаток на политичка волја овој закон да заживее и да почне вистински да се применува. На овој начин вработените во институциите и граѓаните сè уште се длабоко обесхрабрени и незаштитени, што многу јасно се гледа и од спроведените анкети за истражување на јавното мислење. Нo, на овој инструмент, сепак, не треба да се гледа само како на алатка во борбата против корупцијата, туку и како механизам кој ќе ја зајакне демократијата, владеењето на правото, конкурентноста и општеството во целина“,
објаснува Александар Писарев од Форум – ЦСИД.
КОЈ И КАДЕ ПРИЈАВУВА?
Пошироко гледано, наведува Писавев, и обичните граѓаните не се доволно запознаени дека постои законско право да го пријават секој обид на корупција и во јавни и во приватни организации.
Законот, пак, вели дека свиркач може да биде секој полнолетен граѓанин кој се сомнева во некоја јавна институција односно дека поединци во неа се корумпирани или има докази дека е извршена корупција. Како укажувачи законот предвидува дека може да се јават: вработени, кандидати за вработување, волонтери, практиканти, хонорари, граѓанин кој користел некоја услуга од институцијата итн.

Предвидени се три нивоа на заштитено пријавување: внатрешно, надворешно и јавно. Јавното, како трета инстанца, подразбира правење на сознанијата и сомнежите јавно достапни ако постои закана за укажувачот, за безбедноста, опасност од штети од големи размери или од уништување на докази. Притоа, се почитува, пресумцијата на невиност.
ВНАТРЕШНО ПРИЈАВУВАЊЕ – НЕМА ПОСЕБНИ ОВЛАСТЕНИ ЛИЦА ЗА ПРИМАЊЕ ПРИЈАВИ
Внатрешното значи пријавување во самата институција или фирма за која постојат сомнежите за коруптивно однесување и свиркачот тоа го прави усно на записник или писмено кај овластено лице за примање пријави, а онаму каде нема овластено лице кај раководното. Во оваа постапка, оној што ја прима пријавата има обврска да постапува по неа и да ги заштити личните податоци на свиркачот. Подетално, работата на тоа овластено лице е опишана во подзаконски акт – Правилник донесен од Министерството за правда по предлог на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК – Антикорупциска). Меѓутоа, истажувањето на Форум – ЦСИД наведува на заклучок дека и покрај јасните одредби, има слаба волја кај надлежните да назначат посебно лице за примање на пријави.
„Според она што ние го истраживме, постојат голем број сложени системи со неколку илјади вработени, со истурени единици низ целата држава, во кои работат стотици вработени, а на ниво на целиот систем има само едно или нема ниедно лице што е определено за прием на пријави од укажувачи. Такви примери има многу. Управата за јавни приходи има 1.172 вработени, има шест регионални дирекции 17 даночни одделенија низ државата, а на нивната веб-страница освен име на едно лице (инспектор за професионални стандарди), кое е назначено да прима пријави според овој Закон, нема никакви други упатства. Агенцијата за вработување има 30 подрачни единици во државата и има именувано две овластени лица (едно во Скопје и едно во Битола) за прием на пријави врз основа на Законот и процедури и начинот за пријавување“,
пишува во финалната анализа на невладината.

Ова истражување детектира и дека патот на укажувачот до овластено лице не е лесен ниту преку Интернет и покрај тоа што во Правилникот пишува дека „податоците за овластеното лице (име и презиме, телефонски број и поштенска и електронска адреса) се објавуваат на веб-страницата на институцијата или се прават јавно достапни на друг начин“. Во анализата се наведува пример од врвот на државната пирамида – во периодот кога е правено истражувањето само три министерства на своите веб-страници, со посебно означен таг, имаат директен пристап до овластеното лице.
„На интернет-страниците на четириесет отсто, или седум министерства, вклучувајќи ја и Владата, може да се стигне до името и контактот на овластеното лице дури по серија врски и линкови, односно по не така едноставен пат преку врските или таговите на страницата“,
посочува Писарев, кој е и рецензент на анализата.

Недостатокот на волјата која веќе еднаш ја посочи, Писарев ја констатира уште на неколку нивоа. Меѓу нив и во обезбедувањето услови за работа на овластеното лице за прием на пријави, наведени во правилникот, кои според истражувачите, речиси и да не постојат во пракса.
„Покрај персоналниот сегмент на тој систем за заштитено внатрешно пријавување, битно е да бидат исполнети просторно-техничките услови, лицето да има соодветен работен простор, добро е тоа да биде некој простор надвор од видео-мониторингот во институцијата, бидејќи тоа може да биде некаков ограничувачки фактор. Потоа, лицето да има посебен компјутер, со влез, корисничко име и лозинка познати само за овластеното лице, да има посебна електронска адреса, исто така со влез, име и лозинка познати само на овластеното лице, посебен приемен печат, посебен деловник, посебно поштенско сандаче, телефонска линија, орман за чување документи. Практично ниедна од институциите во целост не ги исполнува овие услови“,
се констатира во анализата.
Овластените лица и институциите, пак, се должни до Антикорупциската комисија да доставуваат полугодишни извештаи за пријавите со општи статистики и податоци за оформени предмети, а комисијата, пак, со извештај дава отчет во годишни извештаи пред Собранието.
НАДВОРЕШНО ПРИЈАВУВАЊЕ – АНТИКОРУПЦИСКА ИМА НАЈГОЛЕМА ДОВЕРБА, НО НЕМА БУЏЕТ

Антикорупциската комисија е еден од четири столба за спроведување на Законот за заштита на укажувачите. Останатите се: Министерството за внатрешни работи (МВР), Јавното обвинителство, Антикорупциска и Народниот правобранител. До нив или до некоја друга надлежна институција се врши т.н. заштитено надворешно пријавување.
Тоа во пракса претставува втора инстанца која се применува кога свиркачот сака да го пријави раководното лице во некоја институција или кога свиркачот се сомнева дека ако пријави во самата институција нема да се преземе ништо или пријавил, а не е задоволен од исходот.
Во анализата на Форум-ЦСИД, Антикорупциската комисија се наведува како единствена институција каде има пријави согласно системот за заштитено надворешно пријавување и затоа се оценува дека има најголема доверба кај укажувачите. Годинава, до крајот на август, оваа институција добила 12 пријави согласно Законот за заштита на укажувачите и токму тие пријави, според истражувањето на невладината, укажуваат на разнишаната доверба кај граѓаните, пред сè, кај свиркачите.
„Прво, сите 12 пријави се за надворешно пријавување, што говори за недовербата на укажувачите своите сомнежи да ѝ ги соопштат на засегнатата институција. Второ, сите 12 пријави се доставени во ДКСК, која е само една од четирите законски одредени институции (столба) за надворешно пријавување, покрај МВР, Јавното обвинителство и Народниот правобранител, што може да значи дека или ДКСК е единствена институција од доверба за укажувачите или единствена институција со функционален механизам за заштитено пријавување“,
се наведува во еден од заклучоците од истражувањето .
Во истражувањето се укажува и дека е потребна промоција и силна кампања за да заживее системот за заштитено пријавување односно да се подигне свеста и кај вработените–потенцијални укажувачи и кај институциите
„ДКСК подготви Стратегија за промоција на системот за заштита на укажувачите со што треба да се зголеми видливоста на овој Закон, но таа уште не се применува бидејќи немаме доволно средства да ги спроведеме активностите кои ги планираме и чекаме на донаторите од странство кои би помогнале во нејзината реализација, очекуваме да почнеме со нејзиното спроведување во 2020 година после што ќе следи донесување на акцискиот план. Сакаме навремено да укажеме на неконзистентност на некои елементи од овој закон и да помогнеме тие да се отклонат. Сепак, оценуваме дека довербата за применливоста на овој инструмент кај граѓаните расте“,
вели во разговор со истражувачите во проектот Ирена Поповска, раководителка на одделението за спречување на корупција и одговорна за примена на Законот и прием на пријави од укажувачи во ДКСК.
ИСКУСТВОТО НА ЦРНА ГОРА ИНТЕРЕСНО И ЗА НАС

Антикорупционерите, според нејзините изјави наведени во анализата на Форум – ЦСИД, размислуваат за воведување нов начин на примање пријави од укажувачите, за кој оценуваат дека е применлив во мали држави каде секој се знае со секого.
Во тој контекст, Поповска наведува дека голем интерес кај нив побудила праксата во Црна Гора, каде тамошната Агенција, пандан на нашата Антикорупциска комисија, има направено посебна апликација за пријави. Преку неа, свиркачите пријавуваат со ИД-код (идентификациски код, н.з.) и никој не го знае неговиот идентитет.
„Тоа е нешто што побуди голем интерес кај нас и ќе видиме какви ќе ни бидат можностите овој систем да го примениме и во нашата практика. Целта е да се избегне каков било физички контакт помеѓу пријавувачот и институцијата во моментот кога тој сака да пријави корупција или криминал и да биде заштитен максимално неговиот идентитет. Тоа ни се виде како многу добро, напредно и охрабрувачко искуство за оние што ќе сакаат да бидат укажувачи“,
вели Поповска.
Покрај за државните и јавни институции, кои се фокусот на ова истражување, систем за заштитено пријавување треба да има и во приватниот сектор, каде бројот на вработени е поголем од 10.

Законот за заштита на укажувачите предвидува и соодветни казни за институциите и одговорните лица ако не се придржуваат до одредбите од законските и подзаконските акти и тие глоби се движат од 2.000 до 6.000 евра. Без детален осврт на казнената политика, во анализата на Форум – ЦСИД, се наведува дека ниту таа не функционира на задоволително ниво.