Образовниот систем е стабилен и останува одлуката учениците да одат на распуст на крајот од годината, а второто полугодие да почне од 21 јануари, посочи денеска министерката за образование Мила Царовска.
Коментирајќи го барањето на ВМРО-ДПМНЕ училишниот распуст да почне порано поради зголемениот број на заболени лица од коронавирусот, Царовска рече дека за тоа нема потреба бидејќи, како што вели, нема трансмисија на вирусот во училиштата.
„Образовниот процес и систем се натпартиски и јас секогаш сум спремна за дискусија со опозицијата и сите што имаат различен став, ако се базираат на одредени аргументи и факти за да донесеме поинаква одлука од онаа што првично била донесена. Такви аргументи и факти не добив, но важно е да известиме дека во моментов заболени се 79 ученици, што е помалку од 0,06 отсто од вкупниот број ученици и 148 наставници, односно помалку од 1 отсто од вкупниот број на наставници. Ова се факти што зборуваат дека интерно ширење на вирусот во училиштата нема, образовниот систем е стабилен, се почитуваат протоколите и затоа продолжуваме да го спроведуваме планот којшто Владата го донесе за оваа училишна година“,
рече Царовска.
Таа посочи дека успешно се спроведува и оценувањето на учениците и со физичко присуство и на оние што учат онлајн.
Царовска на денешната прес-конференција го презентираше буџетот на МОН за 2021 година, кој вкупно изнесува 23 милијарди и 100 милиони денари.
Таа посочи дека најголем дел од парите се предвидени за капитални инвестиции, за реконструкција на училишта во кои главен услов ќе биде пристапноста на лицата со попреченост, за ангажирање образовни асистенти и спроведување мерки како бесплатен студентски оброк.
„Со овие инвестиции создаваме инклузивно образование. Издвојуваме околу 1 милијарда денари за капитални инвестиции, два и пол пати повеќе од лани. Со овие средства ќе овозможиме поквалитетен образовен процес за 100 000 ученици, студенти и наставен кадар“,
рече Царовска.