За СДСМ се прифатливи сите предлози за министри и дополнителни заменици-министри во техничката влада, кои денеска ги објави ВМРО ДПМНЕ. Причината е што против нив, немало никакви обвиненија.

Но, од најголемата владејачка партија повторуваат дека не го прифаќаат името на Драган Ковачки како решение за министерското место во внатрешни работи. Како што се изјаснија и вчера, предлогот воено лице да биде прв човек на МВР е во спротивност со членот 97 од Уставот. Затоа, од СДСМ, очекуваат Мицкоски до 2-ри јануари, да излезе со друг кандидат за оваа позиција.
Кои се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ што се прифатливи за СДСМ
Согласно законот за влада, ВМРО-ДПМНЕ денеска ги објави имињата кои ќе ги предложи за четирите функционерски позиции во техничката влада.

За министерка за труд и социјална политика најголемата опозициска партија ја предлага биохемичарката Рашела Мизрахи. Работела како консултант на Глобален Фонд во рамки на програмата за туберкулоза во Р. Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, а била и асистент на катедрата за физиологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Скопје.
Интересно е дека Мизрахи, заедно со актуелната министерка за финансии, Нина Ангеловска, била предавач на Школата за млади лидери, чиј покровител беше претседателот Ѓорге Иванов.

За дополнителен заменик-министер за финансии ВМРО-ДПМНЕ ја предлага Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа важи за блиска до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Била финансиски директор на ЕЛЕМ додека тој беше на чело на државните електрани (сега ЕСМ). Димитриеска-Кочоска сега работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии.

За дополнителен заменик-министер за земјоделство се предлага Цветан Трипуновски. Тој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а бил директор на Државниот инспекторат за земјоделство и на Државната фитосанитарна лабораторија.

Актуелната пратеничка Невенка Стаменковска-Стојковски е предложена за дополнителна заменик-министерка за информатичко општество и администрација.
Единствен „камен на сопнување“ останува Ковачки
Иако најавата на СДСМ дека ќе ги гласаат последните четири предлози на Мицкоски за техничката влада е позитивна, тоа засега не ги доближува позициите на власта и опозицијата за армискиот полковник Драган Ковачки. И покрај толкувањата на експертите дека предлогот е спротивен на Уставот, меѓу кои и на советничката на Христијан Мицкоски, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, опозицијата не се повлекува од Ковачки.
„360 Степени“ разработи неколку можни сценарија на расплет или пак дополнителен заплет на кризата.
СЦЕНАРИО 1 – ВМРО-ДПМНЕ излегува со нов предлог
Иако засега нема такви најави, едно од сценаријата би било ВМРО-ДПМНЕ да предложи нов кандидат за министер за внатрешни работи во техничката влада што треба да се избере на 3 јануари. Факт е дека Законот за Влада бара ВМРО-ДПМНЕ да се консултира, но не и да бара и да добие согласност од СДСМ и ДУИ за кандидатот за министер за внатрешни работи. Од друга страна, пак, консултациите не би имале смисла ако целосно се игнорира ставот на оние со кои се прави консултацијата, особено ако приговорот се однесува на (не)почитување на уставно начело.

Дополнителна правна компликација прави и тоа што самата одредба од Законот за Влада – дека министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, е во спротивност со уставниот принцип дека членовите на Владата (министрите) ги избира Собранието, на предлог на мандатарот (премиерот).

СЦЕНАРИО 2 – Мандатарот Спасовски го предлага Ковачки за министер
Ако ВМРО-ДПМНЕ реши да не предлага друг кандидат, можно сценарио (иако крајно веројатно) би било мандатарот Оливер Спасовски, сепак, да го предложи Драган Ковачки за министер за внатрешни работи и да му остави на Собранието да одлучи дали ќе го избере за член на техничката влада. Со оглед на ставот на СДСМ дека Ковачки е противуставен предлог, за очекување е пратениците од оваа партија (коалиција) да гласаат против неговиот избор.

Тоа сѐ уште не значи дека Ковачки не би добил најмалку 61 глас, неопходни за избор за министер, со оглед на фрагментираниот парламент. При ваков развој на настаните, важен ќе биде ставот на партиите на Албанците, особено на ДУИ, чиј лидер Али Ахмети вчера позитивно се изјасни за Ковачки, иако не беше јасно дали до моментот на изјавата бил свесен за уставното ограничување од членот 97.
СЦЕНАРИО 3 – Се избира техничка влада без предлог(зи) од ВМРО-ДПМНЕ
Во случај ВМРО-ДПМНЕ да остане на предлогот Драган Ковачки да биде шеф на МВР, а мандатарот да смета дека не треба да му предлага на Собранието противуставно решение, можно сценарио е Оливер Спасовски да излезе со сосема друг кадар за МВР во техничката влада. На пример, на предлог на партијата во опозиција која е следна според бројот на пратеници во парламентот.

Тоа би подразбирало дека СДСМ е решен да има избори на 12 април дури и по цена ВМРО-ДПМНЕ да не учествува во техничката влада со министер за внатрешни работи (или со ниеден член, ако политичката криза ескалира).
СЦЕНАРИО 4 – Се пробива рокот за избор на техничка влада, се одлагаат изборите
Ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи да инсистира на Драган Ковачки, а СДСМ продолжи да инсистира на нов предлог од ВМРО-ДПМНЕ, теоретски е можно да се пробие рокот за избор на техничката влада сто дена пред изборите (на 3 јануари за избори на 12 април). Тоа би можело да доведе и до пролонгирање на изборите, до договор за техничка влада. Сепак, ова сценарио, според актуелните сигнали од власта и од опозицијата, се чини најмалку остварливо во овој момент.