Германија се спрема да ги продолжи рестриктивните мерки и во декември. Земјата воведе „благ локдаун“ на 2 ноември за да го сузбие есенскиот бран на коронавирусот, но бројот на инфицирани не е намален и затоа планира наместо до 30 ноември, мерките да ги продолжи и во текот на декември.
Баровите, рестораните, теретаните, кината се затворени, а училиштата и продавниците отворени. Приватните собири се ограничени на најмногу 10 лица, кои смеат да бидат само од две семејства, а сега во план е тој број да се ограничи на 5.
Лидерот на баварската Христијанско-социјална унија, Маркус Зедер, изјави дека во идеални услови мерките ќе бидат продолжени за три недели, што подразбира до 20 декември.
„Иако можеби бранот е разбиен, за жал, бројот на новозаразени постојано расте. Одделенијата за интензивна нега продолжуваат да се полнат и расте бројот на починати. Според тоа, не можеме да кажеме дека е готово“,
изјави Зедер.
Најава дека треба да се продолжат мерките стигна и од министерот за финансии, Олаф Шолц.
Канцеларката Ангела Меркел на 25 октомври треба да одржи состанок со лидерите во 16-те покраини за да разговара за ограничувањата, дали да се продолжат истите или да се предложат и нови дополнителни мерки.
Во однос на мерките на европските влади против коронавирусот, специјалниот советник во Светската здравствена организација, Давид Набиро, денеска предупреди дека ако владите пропуштат да направат сè што е неопходно, на почетокот на 2021 година ќе има нов бран. Тој критикуваше дека пропусти биле направени пред да се случи актуелниот бран.
„Направени се пропусти во надградба на потребната инфраструктура во текот на летните месеци, откако првиот бран беше ставен под контрола. Сега сме во вториот бран, а третиот бран на пандемијата е на нашиот праг“,
предупреди Набаро.
За разлика од европските, тој ги пофали азиските земји. Таму стапката на инфекција е исклучително ниска бидејќи, како што истакна, рестриктивните мерки таму не беа олеснети предвреме.