Канцеларот Себастијан Курц најави дека Австрија се подготвува за масовно тестирање за ковид-19 на населението. Според планот, тестирањето ќе почнува од 5 декември, ден пред истекот на мерката од делумниот карантин.
Според најавите, првично ќе се тестираат наставниците, а потоа полицајците. Првиот викенд од декември ќе бидат тестирани сите вработени во државните училишта, како и персоналот во градинките, околу 200 илјади луѓе.
На 7 и 8 декември ќе се спроведе тестирање на сите околу 40 илјади полицајци, а непосредно пред католичкиот Божик се планира пошироко тестирање на населението, на доброволна основа. Во првите недели од декември ќе се спроведе бесплатно тестирање во општини со високо ниво на инфекција.
„На почетокот на следната година се планира ново масовно тестирање во целата земја“,
соопшти австриската влада.
Веќе се набавени седум милиони антигени брзи тестови, а се планираат и натамошни нарачки. Трошоците за првите седум милиони теста се околу 50 милиони евра.
Акцијата за масовно тестирање ќе ја спроведат армијата и Министерството за здравство. Армијата веќе имаше искуство бидејќи ѝ помагаше на Словачка во спроведувањето масовно тестирање таму.
Покрај овие мерки, се работи и на скрининг-програма за заштита на домовите за стари лица.
Како што соопшти владата, веќе се испорачани 315 илјади теста, а други три милиони се очекуваат.
Канцеларот Курц истакна дека тестирањето се врши на доброволна основа.
„Барам од населението да го поддржи овој проект и да учествува во него. Масовното тестирање е голема шанса за Австрија да најде начин за враќање во нормала до вакцинацијата“,
порача Курц.