По повеќе од два месеци пауза, денеска Бојан Јовановски-Боки 13 се појави во Основниот кривичен суд во Скопје на рочиште за предметот познат како „Меѓународен сојуз“.
На 8 септември тој од затворот во Шуто Оризари итно беше префрлен на операција на желудникот, по што следуваа одложувања на судските рочишта за овој предмет.

Во меѓувреме, Апелацискиот суд во Скопје му ја прифати жалбата и му ја замени мерката притвор со домашен притвор. Ова е првпат Јовановски во судот да биде спроведен од дома наместо од затвор.
Во „Меѓународен сојуз“, Јовановски е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и неговата асистенка Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а експратеничката Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама.

Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција тврди дека двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.