Северна Македонија ќе продолжи со обидите да бара достоинствено решение, почитувајќи го нашето право на самоопределување, во рамките на европските принципи, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во врска со спорот со Бугарија и нејзиното противење за усвојување на преговарачката рамка за преговорите со ЕУ.
Ваквата порака Димитров ја испрати на онлајн Европскиот самит во Прага, на кој беше еден од учесниците на панелот насловен „Обновувањето по кризата предизвикана од ковид-19, како можност за посилна Европа од перспектива на земјите од Западен Балкан“.
Зборувајќи за процесот на проширување, вицепремиерот нагласи дека соочувањето со своите предизвици одвнатре, оди рака под рака и со европскиот проект чија суштина е стабилноста, мирот и европскиот начин на живот кој се отсликува преку демократија чие начело е владеење на правото.
„Непосветувањето вистинско внимание, неангажирањето во земјите од регионот којшто географски му припаѓа на Европа, би претставувало стратешка грешка на Европската Унија. Кога не зборуваме гласно во одбрана на европските принципи ЕУ ослабува, без разлика дали сме граѓани на земја членка или земја кандидат за членство во Унијата. Задачата на проширувањето како европска политика е примена на нејзините вредности и тој процес не треба да биде во заложништво на билатерални прашања“,
рече Димитров.
Сепак, без разлика на исходот од разговорите со Бугарија, порача вицепремиерот, европеизацијата на нашето општество, останува клучна цел на Владата.
„Реформите ќе продолжат бидејќи вистинската цел на пристапниот процес всушност е токму европеизацијата, внесувањето на европските стандарди дома. Во тој процес секоја помош од нашите пријатели ќе биде добредојдена“
рече Димитров.
Кога станува збор за кризата предизвикана со ковид-19, пак, тој оцени дека пандемијата ја покажала солидарноста на дело.
„Европската Унија справувајќи се и самата со предизвиците од КОВИД 19, неодамна одобри Економски инвестициски план, со цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, но и да ја поттикне регионалната економска интеграција преку обезбедување на грант во висина од 9 милијарди евра во рамките на ИПА III, средства кои се од витално значење за закрепнувањето на економиите на земјите од Западен Балкан. Оваа финансиска помош е доказ за поддршката на ЕУ за Западен Балкан, која воедно има свој придонес и во зајакнувањето на меѓусебното партнерство“,
посочи вицепремиерот.