Анализата на БИРН ги користи податоците добиени од ДИК
Најмногу од парите добиле националните телевизии, што не е изненадување зашто во Македонија тие сѐ уште се најпопуларните и највлијателните
Финалната сума што државата ја платила за партиски реклами пред годинешниве избори е три милиони и 190 илјади евра, покажува податокот што од БИРН го добиле од Државната изборна комисија (ДИК). Од нив, дури 86 отсто се пари потрошени од три најголеми учесници на изборите – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, објавува „Призма“ во денешната анализа „Изборните реклами нѐ чинеа над 3 милиона евра“.
Иако ДИК сѐ уште нема детална анализа која партија во кои медиуми и за колку пари се рекламирала, меѓутоа во конечните финансиски извештаи на партиските коалиции ги има сумите што тие ги потрошиле за промоција – коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потрошила 929 000 евра, онаа на СДСМ 916 000, додека партијата ДУИ за изборни реклами потрошила 897 000.

Според ова, партиите речиси максимално ги искористиле буџетските пари што им беа на законски на располагање – односно лимитот беше по 963 000 евра.
Разликата од 3 милиони 190 илјади евра до 4,28 милиони евра (сума со ДДВ) што остана неискористена, во најголем дел е онаа што требаше БЕСА да ја потроши, доколку не коалицираше со СДСМ.
Јулските беа вторите избори, и први парламентарни, на кои државата преку ДИК им ги плаќаше на партиите медиумските промоции. На претседателските избори во 2019 година, кога за првпат државата плаќаше за партиските реклами, се потрошија 3,6 милиони евра, или некаде за околу 400 000 евра повеќе од сега.
Само четири медиуми не ги добиле парите
Од ДИК велат дека во овој изборен циклус не исплатиле само четири медиуми, зашто тие не доставиле целосна документација за рекламите што ги емитувале. Според Призма, станува збор за помали локални медиуми, едно радио и неколку портали на кои треба да им се исплатат малку пари, со што бројката од речиси 3,2 милиони евра не би пораснала драстично и може да се смета за конечна.
Од податоците објавени по изборите се воочува дека на страната на приходите и овој пат „победници“ се националните телевизии, што не е изненадување зошто во Македонија тие сѐ уште се најпопуларните и највлијателните.
БИРН веќе пишуваше дека само петте национални телевизии Сител, Канал 5, Алсат-М, Телма и Алфа треба да инкасираат вкупно еден милион и 100 000 евра од предизборните спотови на партиите и на коалициите што учествуваа на предвремените избори за пратеници на 15 јули годинава.
Од БИРН пресметале и дека речиси 550 000 евра партиите потрошија за реклама на порталите, додека остатокот се парите потрошени за реклами во локалните и во регионалните телевизии, печатот и на радио.
Целата анализа на „Призма“ може да ја прочитате тука.
