Комисијата се залага првата меѓувладина конференција да се одржи што е можно поскоро, за што е потребен договор во Советот на ЕУ. Затоа ЕК ги охрабрува двете страни да ги засилат напорите за изнаоѓање решение
EK и натаму се надева дека преговорите со Северна Македонија ќе почнат што поскоро, изјави портпаролката на Комисијата, Ана Писонеро, но одби да ги коментира изјавите на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева поврзани сo југословенската историја на земјава.
По изјавата на Захариева дека славењето на Тито е некомпатибилно со ЕУ, Писонеро порача дека Комисијата „не коментира коментари“, но додаде дека „условите за зачленување во ЕУ се прилично јасни“.
Најавената блокада од Бугарија на утрешниот министерски состанок, на кој треба да се усвои преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија не ја обесхрабрува Европската комисија, јави МИА
„Нашиот став е јасен. Европската комисија се залага првата меѓувладина конференција да се одржи што е можно поскоро. За ова да се случи сите се свесни дека е потребен договор во Советот. Невозможно е да се предвиди, но јасно е дека ги охрабруваме двете страни да ги засилат напорите за изнаоѓање решение“,
рече Писионеро на денешниот редовен брифинг.
Таа потврди дека Комисијата останува во контакт со германското претседателство чија цел е преговорите со Северна Македонија да започнат до крајот на оваа година, додека во исто време Комисијата продолжува да контактира и со Скопје и со Софија.
Што се однесува до барањето на Бугарија да се додаде поглавје во преговорите со Северна Македонија во кое би се вклучиле бугарските барања, Писонеро не сакаше да коментира.
„Не ги коментираме индивидуалните ставови на земјите членки. Потребен ни е договор за текстот од сите земји членки. Комисијата го поднесе својот предлог во јули и тој ќе биде објавен само откако ќе има договор во Советот“,
изјави Писонеро.
Според дипломатите во Брисел, се очекува многу бргу нова иницијатива на германското претседателство, во наредните денови, за да се приближат позициите на Скопје и на Софија, со надеж дека ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција пред крајот на германското претседавање со ЕУ, но надежите се мали.
Дипломати од земји членки за МИА велат дека бугарската позиција е „многу тврда“ и не се исклучува прашањето да биде одложено за по изборите во Бугарија, кои треба да се одржат во март идната година.