Во текот на наредната година ќе биде објавен јавен повик за целосна приватизација или за јавно-приватно партнерство за ски-центарот Попова Шапка, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Хотелските објекти кои се во сопственост на „Елем турс“ главно ќе бидат понудени за директна приватизација.
„Пред кризата ние веќе сме ги завршиле подготовките и физибилити-студиите за ‘Попова Шапка’, но и за сите туристички објекти кои се во сопственост на ‘Елем турс’. Ѝ понудивме на владата на Косово заеднички да настапуваме на развивање на Попова Шапка, очекуваме одговор, во спротивно секако ние веќе сме подготвени и во текот на наредната година ќе објавиме јавен повик за доделување на ‘Попова Шапка’ како ски-центар, или во потполна приватизација или преку јавно-приватно партнерство. Освен ски-центарот, ‘Елем турс’ има во сопственост и хотелски објекти, а согласно студијата хотелските објекти ќе одат во директна приватизација“,
рече Бектеши.
Најавите за давање на „Попова Шапка“ под концесија ја поздрави и Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.
„Сметаме дека е тоа добра идеја. Всушност, добра е секоја идеја што носи нови содржини и можности. Не слушнавме како ќе се продава Шапка, но какво решение и да се донесе сметаме дека е добро зашто таму ништо не се случува со години, изгубени се многу работни места. Има некој вид туризам кој е интересен, но Попова Шапка има голем потенцијал кој заслужува да биде искористен“,
рече заменик-претседателот на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Александар Кузмановски.
Приватизацијата ја најави и вчера премиерот Зоран Заев, кој рече дека има интерес за продавање на дел од државните компании, како „Железници и транспорт“, „Македонски пошти“, „Еврокомпозит“, „Тутунскиот комбинат“-Прилеп и други ресурси, како што е Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино…
„Очекуваме да се зголемат перформансите на нивното работење со влез на приватен капитал, тоа може да биде до 100 отсто откупување, може да биде јавно-приватно партнерство, државата да задржи еден дел, а под концесија да се даде друг дел и слично. Станува збор за неефикасни ресурси во рацете државата и тие треба се стават во функција на нови приливи во Буџетот. За ‘Македонски пошти’ веќе има заинтересираност од повеќе европски земји“,
рече премиерот Заев, осврнувајќи се на плановите за ревитализација на ресурсите кои не се докрај искористени, а со кои вели ќе се обезбедат дополнителни средства за економско заздравување.
