Во пожар во државната болница во градот Пјатра Неамт во Романија, во која се лекувале ковид-пациент, загинале десет лица.
Информацијата, пренесува „Ројтерс“, ја соопшти Агенцијата за вонредни состојби во Романија.
Пожарот избувнал во една просторија во одделот за интензивна нега, од каде се проширил во соседна просторија. Засега нема информации кои се причините за избувнувањето.
Седум лица, пак, се повредени и се во критична состојба, а меѓу нив е и дежурниот лекар.
Романското обвинителство соопшти дека ќе отвори истрага за пожарот, кој е најсмртоносен во земјата по оној од 2015 кога во ноќен клуб во Букурешт загинаа 65 лица.