Во моментов се зафатени сите кревети во штипското Инфективно одделение, се чека изградбата на монтажната болница
Расте бројот на пациенти со ковид-19 кои се лекуваат во штипската болница, а имаат тешка клиничка слика. Директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев, вели дека, за разлика од претходниот бран на пандемијата, сега се соочуваат со голем број пациенти што се во тешка состојба и бараат кислородна поддршка.
За еден месец и повеќе од двојно се зголемила потрошувачката на кислород. Директорот вели дека по напливот на „тешки“ пациенти, обезбедиле и повеќе регулатори за кислородот и апарати за следење на сатурацијата на кислородот во крвта.
„Брзо расте потрошувачката на кислород. Не знам како ќе завршиме во ноември, но компаративно, во септември потрошивме шест тони, во октомври потрошивме дури 14 тони кислород, што е резултат на големиот број пациент со тешка клиничка слика. Како ќе се одвива ситуацијата, така ќе надополнуваме“,
вели Ѓеорѓијев.
Во моментов Инфективното одделение во Штип е целосно пополнето. Директорот вели се менаџира со креветите обезбедени во други оддели во болницата, а ако има потреба, ќе пренаменат и нови.
„Во моментот сите кревети на инфективниот оддел се полни. На оној додатен дел што го обезбедивме од 10 кревети на одделот за дерматовенерологија во моментот имаме шест слободни места. Се очекува во текот на денот таму да направиме трансфер на пациенти со полесна клиничка слика со цел да се ослободат неколку кревети на инфективниот оддел за прием на потешки пациенти“,
вели директорот на болницата.
Кога ќе биде готова најавената монтажна болница, надлежните не прецизираа. В.д. градоначалникот Јане Миланов рече дека се работи на теренот и се подготвуваат водоводната и канализациската мрежа.
Во новата болница треба да се обезбедат околу 50 кревети.