Косово воведува рестрикции во движењето во ризичните региони, јави дописникот на МИА од Приштина.
Премиерот Авдулах Хоти најави дека ќе се воведе полициски час од 19 до 5 часот наутро откако последните денови продолжи трендот на голем пораст на бројот на заразени со коронавирусот.
Станува збор за седум општини, меѓу кои и главниот град Приштина, кои се класификувани во таканаречената „црвена зона“ поради процентуално најголем број заразени и починати од ковид-19.
Порачувајќи дека состојбата со пандемијата е мошне тешка и „може да се спореди само со војна“, косовскиот премиер рече дека очекува мерките да дадат резултати.
„Оваа ситуација може да се спореди само со војна и затоа бараме разбирање од секого. Не можеме целосно да ја затвориме државата бидејќи тоа би било кобно, но мерките по една недела ќе не одведат до подобра состојба“,
рече Хоти.
Според него, досегашните мерки на владата и здравствените власти даваа резултати, но со новиот бран на заболени во регионот се влоши состојбата и во Косово.
„Имајќи ги предвид нашите (болнички) капацитети, ние треба да се погрижиме за поспецифични мерки. Тестовите тројно се зголемија последните недели, бројот на позитивни случаи е околу едно лице на тројца тестирани, а понекогаш имаме и до 50 отсто кои резултираат позитивни. Смртните случаи исто така бележат пораст“,
изјави Хоти додавајќи дека и проекциите на Институтот за јавно здравство на Косово (ИКШПК) се прилично песимистички.
Од појавата на епидемијата во Косово, досега се регистрирани 25 388 заболени лица. Активни заболени во Косово, според последните официјални информации, се 8 253 лица