Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за постизборна коалиција и формирање на влада, односно дали би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние ќе одиме во коалиција со тој политички субјект кој ја прифаќа Програмата на Алијанса за Албанците и комотни позиции немам намера да му создадам на ниту еден политички субјект во македонскиот политички блок. Дали сум јасен?!“,
вели Села.
Не, не сте ми јасен, затоа што ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на масата со истите ставови за кои јас сега ве прашувам – во кампањата тие ќе велат – ако имаме две третини ќе го промениме Преспанскиот договор, тоа што Бугарија го бара од нас е неприфатливо, треба да го смениме Законот за јазици согласно со препораките на Венецијанската комисија…
„Еве и јас ќе им одговорам. Да не ни помисли некој да дојде кај мене и да бара од мене да се измени Законот за јазици. Ние сме одговориле во некои случаи. Законот за јазици само може да се унапреди, а не може да има враќање назад“,
вели Села.
Така и Мицкоски ќе ви настапи – ќе ви каже зошто вие барате од мене да имам друг однос кон Преспанскиот договор или кон Договорот со Бугарија
„Тогаш тој ќе има затворена врата“,
вели Села.
Или неговата вам, или вие за него ќе ја затворите вратата…
„Доколку ние добиеме мандат, ќе треба да трчаме по врати за да бараме коалициски партнери за да направиме мнозинство, но мандатот нема да го добиеме ние, ние сме свесни дека нема да добиеме 50 пратеници. Од друга страна, ние се разликуваме од другите албански партии досега кои трчаа по тој што добива мандат за формирање Влада. Ние немаме намера да трчаме по тој што ќе ги добие изборите….да завршам…ние да, ќе ги добиеме изборите кај Албанците и знаете кај ќе трчаме, да ја активираме заедничката тркалезна маса на албанските парламентарни политички партии за да изградиме став за да ја направиме спроводлива политичката програма и да ја запреме апатијата која почна на почетокот кај албанските граѓани во Македонија“,
вели Села.
Одговарајќи на прашање, Села кажа дека со Заев досега имал една или две средби за референдумот и за уставните измени, а со Мицкоски никогаш немал остварено средба.