Во Скопје продолжува праксата на раскопување на штотуку асфалтирани улици. Таков е примерот со „реконструкцијата“ на улицата „Васил Ѓоргов“ во центарот на Скопје, која беше асфалтирана само пред една недела. Набрзо откако се стави новиот асфалт, улицата беше напречно ископана.

Екипата на „360 степени“ денеска на терен увиде дека се копа и на неколку други места вдолж улицата. Ископан е свежопоставениот асфалт околу повеќе шахти и сливници. Така, наместо по нов и рамен асфалт, возилата повторно минуваат преку дупки.
Град Скопје: Улицата се уште не е готова
На прашањата на „360 степени“, од Градот Скопје одговорија дека за напречниот ископ е одговорна приватна компанија, која ќе си ги сноси трошоците за санација. Уверуваат дека во тој дел, улицата ќе мора да биде доведена во претходната состојба, односно да не се забележува претходниот прекоп.
За ископот на шахтите и на сливниците по асфалтирањето, од Градот објаснуваат дека станува збор за редовни зафати на улица која се уште не е готова. Односно, дел од шахтите и сливниците морало да се нивелираат по нанесувањето на последниот слој асфалт, а причината што дозволиле сообраќај во меѓувреме е да се релаксира гужвата во овој дел од централното подрачје
„Улицата се уште не е завршена иако по неа возат возила. Планирано е до среда да бидат поправени сите шахти и сите прекопи и нема да се познава никаква трага. Улицата ќе биде целосно функционална“.
велат од Град Скопје за „360 степени“.


Според податоците објавени на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки, победник на тендерот за обновата на улицата „Васил Ѓоргов“ е фирмата ВЕ-ГРУПА од Радовиш. Предмет на договорот била реконструкција на улицата на потегот од улицата „Рузвелтова“ до булеварот „Мајка Тереза“. Фирмата од Радовиш ја добила јавната набавка во конкуренција од 13 компании, со најниска понуда од 330 000 евра.
Од Град Скопје велат дека работите на улицата се одвиваат и побрзо од предвидениот рок, поради важноста на оваа улица за сообраќајот во централното подрачје.
автор: Севдие Рамандани
*првичниот текст е изменет откако „360 степени“ доби одговор на прашањата упатени до Град Скопје
