Шефиците на кабинетите на актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Славјанка Петровска и Санела Шкријељ, ќе бидат дополнителни заменик-министерки во техничката влада
Оливер Спасовски ќе биде премиер на техничката влада што Собранието треба да ја избере на 3 јануари, открива извор од СДСМ за „360 степени“.
И ако ова решение не е изненадување, другите кадри со кои СДСМ ќе учествува во владата составена според пржинската формула, досега не беа јавно споменувани и може да се сметаат за неочекувани.
Мила Царовска, која по сила на закон ќе се повлече од министерка за труд и социјална политика, ќе го заземе местото на вицепремиер за економски прашања и координација на економските ресори во Владата, со оглед на најавеното повлекување на Кочо Анѓушев. Дополнителна заменик-министерка за труд и социјала, на предлог на СДСМ, ќе биде Санела Шкријељ, актуелна шефица на кабинетот на министерката Царовска.

Според истиот терк, Славјанка Петровска, шефица на кабинетот на Оливер Спасовски, кој во МВР ќе му отстапи место на кадар на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде дополнителна заменик-министерка за внатрешни работи, на предлог на СДСМ.

За овие предлози се очекува одобрување од вечерашниве заседанија на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ со технички решенија во техничката влада?
Од ВМРО-ДПМНЕ не ги откриваат кандидатите за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика пред утрешниот координативен состанок на лидерите Зоран Заев, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Неофицијално, шефот на МВР во техничката влада ќе биде решение од внатре, од редовите на министерството, а за најсериозни кандидати се споменуваат Горанче Савовски и Љупчо Андоновски, кои беа назначени за директори на Бирото за јавна безбедност и на УБК, во мај 2015 година, по оставките на Сашо Мијалков и Гордана Јанкуловска (во екот на „бомбите“ и по настаните во кумановско Диво Насеље). Сепак, нема потврда на ваквата информација.

Според Законот за Влада, пред да го предложи, ВМРО-ДПМНЕ треба да се консултира со СДСМ за кандидатот за министер за внатрешни работи во техничката влада.

Освен министри за внатрешни работи и за труд, ВМРО-ДПМНЕ ќе има и дополнителни заменици-министри во три ресори: финансии, земјоделство и информатичко општество.
Извршниот и Централниот комитет на партијата вчера му дадоа мандат на лидерот Христијан Мицкоски да ги предложи кандидатите за членови на Владата за спроведување на изборите.
Законот за Влада предвидува дека министерот и дополнителниот заменик-министер во техничката влада заедно и рамноправно ги потпишуваат сите акти и документи што „се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите“. Отсуството на потпис на едниот од нив значи дека актот не произведува правно дејство.
Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер за тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија (ДИК) е должна да донесе одлука во рок од 24 часа. Одлуката на ДИК е конечна.