Приштина и шест други општини во Косово од вечерва во 20 часот ќе се затворат и нема да се дозволува влегување и излегување од нив до понеделник до 5 часот наутро.
Ова е една од мерките која на предлог на Комисијата за справување со пандемијата, ја донесе косовската влада попладнево.
Шесте општини за кои важат оваа рестриктивна мерка, покрај главниот град, се: Косово Поле, Гњилане, Обилиќ, Ѓаковица, Подујево и Штимље.
Одлуката за овие општини паднала бидејќи во нив е забележано забрзано ширење на коронавирусот.
Забраната не се однесува на здравствениот персонал и безбедносните служби, граѓаните кои имаат потреба од здравствени услуги и за производство, набавка и продажба на есенцијални стоки, економските оператори и превозниците кои обезбедуваат функционирање на снабдувањето, како и градежните претпријатија и операторите кои изведуваат јавни работи.
На целата територија на Косово, пак, во истиот период од вечерва од 20 часот до понеделник до 5 часот наутро, ќе се затворат сите бизниси, трговски и рекреативни центри, супермаркети и угостителски објекти.
Од оваа одлука се исклучуваат пекарниците, аптеките, малите продавници и бензинските пумпи, јавните и приватните здравствени институции, како и фирмите кои се занимаваат со производство, достава и продажба на есенцијални стоки. Не се опфатени ниту институциите кои управуваат со пандемијата, економските оператори и превозниците кои обезбедуваат функционирање на синџирот на снабдување.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравство на Косово, вчера се извршени 1 827 тестирања, од кои како носители на вирусот резултирале 728 лица. Во истиот период се регистрирани рекордни 12 нови смртни случаи на заболени од ковид-19, со што бројката на жртви на епидемијата достигна 732.
Од појавата на епидемијата вирусот е откриен кај 22 934 од вкупно 103 839 тестирани.