Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека изборите кои се договорени за 12 април можат да се одложуваат сè додека не бидат распишани.
Тој појаснува дека одлуката да има избори на 12 април не е на Собранието и постапката за распишување вонредни избори со техничка влада е поинаква.
Тоа би значело дека доколку премиерот не поднесе оставка, не може да се избере техничка влада и да се одржат предвремени избори. Сепак, доколку се следи предвидената динамика, се очекува на 3 јануари да биде одржана седница на парламентот на која би била избрана техничката влада.
„По она што го договорија лидерите, процедурата е најдоцна на 3 јануари до 24 часот да се избере составот на техничката влада во духот на пржинскиот договор. Од тој ден почнуваат роковите за распуштање на Собранието и роковите за одржување на изборите на 12 април“, вели Џафери.
Претседателот на Собранието предупредува дека доколку се избере техничка влада, ни теоретски ни законски, не е можно изборите да се одложат.
„Техничката влада е врзана за одлука која произлегува од договорот меѓу политичките субјекти кои учествуваат во политичкиот живот во државата и со пржинскиот договор. Тие договориле од изборите во 2016 година па наваму сите редовни или предвремени избори да бидат проследени со техничка влада чија основна цел е спроведување на изборите“, потсети Џафери.
Доколку премиерот не поднесе оставка, вели тој, Собранието ќе продолжи да работи во полн состав каков што е. Тоа значи дека или ќе се оди на редовни избори или можеби ќе има друга одлука.
Дилемата за која говореше Џафери се наметна по најавата на премиерот Заев дека нема да поднесе оставка доколку опозицијата продолжи да ги блокира законите за повисоки плати и пензии. На ова потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, порача дека Заев бара алиби за одложување на изборите и дека тие не го блокираат Собранието.
Ситуацијата доби нов тек откако денеска Џафери соопшти дека по вчерашната блокада власта и опозицијата се договориле за носење 40-ина закони кои се на дневен ред на 123. седница. За в сабота е најавена средба меѓу Заев и Мицкоски за техничката влада.