Доколку опозицијата продолжи да ги блокира законите за повисоки плати и пензии, јас нема да си поднесам оставка на 3 јануари, вели премиерот Зоран Заев на 9 дена пред најавениот крај на неговиот мандат. Тој, согласно пржинскиот договор, треба да се повлече од функцијата на 3 јануари за да се формира техничка влада, но премиерот вели дека во СДСМ сериозно се размислува за одложување на изборите.
„Изборите се договорени и тие треба да се одржат на 12 април. Јас сум првиот што сака да ги запазиме сите процедури, но ако се дозволи опозицијата во Собранието да наоѓа начини, а има право според Деловникот, да ги блокира законите за повисоки плати и пензии, за реализација на државните проекти кои живот значат за граѓаните, тоа се сосема сероизни причини да разговараме дури и за одложување на изборите“, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по почетокот на активностите за изградба на нова зграда за Одделот за крим-техника при Министерството за внатрешни работи.
Дека СДСМ се подготвува и сака да има избори, според Заев, говори и фактот што за в петок партијата има закажано седница на Централниот одбор, на која треба да се одлучи за новиот технички премиер и за дополнителните заменици-министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика.
Но, додаде премиерот, нема да дозволиме интересот на државата да биде доведен во прашање заради тоа што некој има некоја скриена агенда која „може да биде дури и легитимна само ако не е на штета на државата и на граѓаните“.
Заев нагласи дека голем дел од овие закони, чие донесување според него го кочи опозицијата, мора да се усвојуваат во декември бидејќи се врзани со Буџетот за да може нивната имплементација да почне во јануари.
„Јас сум првиот што секогаш го почитува дијалогот и сега имам намера целосно да го испочитувам, но нема да понесам оставката ако некој ги блокира ваквите процеси, а без поднесување на оставката нема почнување на постапката за одржување на изборите“, рече премиерот Заев.
Тој вели дека е најдобро да се најде заеднички јазик и сè да се одвива по постигнатиот договор. Тоа, според него, е добро и за економијата, бизнисот, граѓаните, но е дециден дека нема да дозволи да се кочи носењето на законите.
„Нема да дозволам да се кочат проектите кои живот значат за граѓаните. Секој од 332 илјади пензионери го очекува покачувањето од 900 денари. Граѓаните кои работат во образованието, учителите, наставниците, професорите, вработените во образованието, сите чекаат повисоки плати, а на лекарите и медицинските сестри од покачувањето им зависи одлуката дали ќе останат тука или ќе заминат“, рече Заев.
Во контекст на техничката влада, која треба да се формира на 100 дена пред одржувањето на изборите на 12 април, според Заев, сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски е едно од соодветните решенија за технички премиер.
„Но, јас сум демократ и сакам органите и телата на најголемата политичка партија во власта да ја донесат одлуката. Откако одлуката ќе биде формализирана, таа ќе биде соопштена, оти ако јас сега кажам што било, тогаш која би била целта на одржување на Централниот одбор. Ќе кажат луѓето што нè викате ако вие одлучувате“, истакна премиерот.
За тоа дали е Спасовски е негов предлог, Заев рече дека тоа ќе го каже на органот што одлучува, по што и на граѓаните ќе им соопшти кој бил негов предлог и каква е одлуката на органот на партијата.