Од нашата Влада, по средбата во Берлин, денеска излегоа со став дека интензивната комуникација води кон приближување на позициите со Бугарија
Дипломатски извори од земји – членки во Брисел тврдат дека сѐ уште се води битка на амбасадорско ниво од страна на Бугарија, во нацрт заклучоците да влезат дополнителни забелешки, но, барем засега, бугарските барања не се прифатени, јави МИА од Брисел.
Сега останува да се види дали вчерашната средбата во Берлин ќе вроди со конкретен плод на утрешниот амбасадорски состанок во Брисел, кога земјите членки ќе треба да ги усогласат своите позиции во пресрет на министерскиот Совет на кој треба да биде донесена конечната одлука за усвојување на преговарачката рамка со Северна Македонија.
Ако се постигне договор до утре, амбасадорите на земјите – членки ќе можат да ја усвојат преговарачката рамка, а во спротивно тие повторно ќе се состанат на оваа тема в петок, со надеж дека до тогаш ќе се надминат разликите и ќе се отвори патот, министрите на 10 ноември да дадат зелено светло за документот.
Амбасадорите на земјите – членки на ЕУ на последниот состанок минатата недела усогласиле текст за преговарачката рамка со Северна Македонија, во која не фигурираат барањата на Софија поврзани за јазикот, идентитетот и историјата, но Бугарија продолжува да лобира за измени, јави МИА повикувајќи се на информации од Советот на ЕУ.
Според информациите на МИА од Брисел, Бугарија има забелешки за делот од текстот во преговарачката рамка поврзан за добрососедските односи. Засега, нацрт – текстот гласи дека добрососедските односи се суштински елемент на процесот на проширување и се бара од Северна Македонија да продолжи да ги негува односите со своите соседи и да продолжи да ги спроведува договорите со Грција и Бугарија во духот на довербата, брифираат повеќе дипломати од земји – членки.
На последниот амбасадорски состанок во Брисел минатата среда, бугарскиот претставник ги пренел барањата на неговата Влада да бидат додадени неколку елементи во преговарачката рамка како спроведување на билатералниот договор за пријателство „без одлагање и целосно“ како „предуслов“ за проценување на напредокот на Северна Македонија во преговорите за членство во ЕУ. Побарано било и да се додаде реченица поврзана за спречување на „погрешно толкување“ на историјата, велат дипломати од земји – членки присутни на состанокот.
По вчерашната средба во Берлин на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева нашата Влада денеска излезе со став:
„Благодарни сме што Германија, како претседавач со ЕУ, покажува засилен ангажман за исполнување на заедничката цел: одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Северна Македонија, како значаен сигнал за целиот регион и за кредибилитетот на ЕУ, што е во интерес на сите“.
Од Владата нагласуваат дека честите контакти и средби на високо ниво се во функција на поголемо разбирање со соседна Бугарија и додаваат дека овие комуникации водат кон поголемо разбирање, кон зајакнување на довербата и кон приближување на позициите.
Го почитуваме и посветени сме на Договорот од 2017 година, кој нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања, нагласуваат од Владата и додаваат оти веруваат дека прашањата кои се дел од заедничката историја може да се решат преку Комисијата за историски и образовни прашања, како и дека решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји.