Освен во Скопје, претходната седмица, голем број на нови случаи има во Куманово, Тетово, Штип и во Прилеп, додека највисок морталитет се регистрира во Струга, Дебар, Куманово, Штип и во Скопје
За 70 проценти е зголемен за една недела бројот на позитивни случаи на ковид-19 во земјава, според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, кој се однесува на периодот од 26 октомври до 1 ноември.
Во овој период се тестирани вкупно 17 299 материјали во лабораториите што претставува зголемување од 23,6% во однос на претходната недела.
Регистрирани сe 5 800 нови позитивни случаи од, како што се наведува, 35 градови во државата, со зголемување од 70,1 проценти во споредба со неделата претходно.
Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (n=2.690; 46,4%), каде е забележана и највисока неделна инциденца – 435,5/100 000.

Освен во Скопје, голем број на нови случаи е регистриран во Куманово, Тетово, Штип и Прилеп, додека највисок морталитет се регистрира во Струга, Дебар, Куманово, Штип и Скопје.

Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 33,5 проценти. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група од 30-39 години (n=1283, 22,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од над 60 (n=1169; 20.2%), 40-49 (n=1089; 18,8%), 50-59 (n=1056; 18,2%) и 20-29 (n=866; 14.9%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=94; 1,6%) и 10-19 години (n=243; 4,2%).

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 2.793 (48,2%) лица од женски и 3.007 (51,8%) од машки пол. Од случаите, епидемиолошки се истражени 839 или 14,5%.
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 2 262 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 696 повеќе во однос на претходната недела.
Пријавени се 88 смртни случаи од 21 град, зголемување од 4,8% во однос на минатата недела. Oд нив, 70 лица биле над 60 години, 12 лица на возраст од 50-59 години, 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и по еден во возрасните групи од 30-39 години и 20-29 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 81 или 92 проценти.
