Како итно барање, претставниците од Здружението ја истакнале потребата од помош на семејствата каде што двајцата сопружници работат во музичката област
Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега“, соопштија од неговиот кабинет.
Претставниците од Здружението го информирале претседателот за предизвиците и тешкотиите со кои се соочуваат музичарите поради пандемијата.
На средбата, како што соопштија од претседателскиот кабинет, музичарите ја нагласиле потребата од итна ревизија на сите протоколи што се однесуваат на музичарите и на музичките работници. Претставниците од ова Здружение рекле дека бараат средби со Комисијата за заразни болести на кои би се разгледувале тековните состојби и актуелни проблеми со кои се соочуваат музичарите, но и други здруженија од сродните области. Тие најавиле и дека ќе поднесат предлог до Владата и до Министерството за култура за организирање музички настани на територијата на целата држава со општински пари, а со цел децентрализација на културата, како и барање за поголема и поправична застапеност на македонските музичари во медиумите.
Како итно барање, претставниците од Здружението ја истакнале потребата од помош на семејствата каде што двајцата сопружници работат во музичката област.
Претседателот Пендаровски посочил дека само преку одговорен пристап, исклучиво во согласност со актуелната состојба која подразбира стриктно почитување на здравствените протоколи, треба да се бараат решенија за работата на засегнатите музичари и музички работници.
