Здружението на судии, во соработка со Мисијата на ОБСЕ, денеска во основните кривичен и граѓански суд во Скопје презентираше протокол за постапување во судовите. Тој не е задолжителен, туку советодавен. Сепак, и покрај протоколите, проблем останува одолговлекувањето на судските постапките во случаите кога некој од учесниците во судскиот процес е заразен со ковид-19 или има решение за изолација.

Судиите во вакви случаи се немоќни пред опасноста од застарување на кривични дела или враќање на судењата на почеток поради неодржано рочиште во рок од 90 дена.

„Дали влијае пандемијата во одолговлекување на судењата? Да, тоа е евидентно, секогаш кога имаме пријавено лице кое е болно од ковид или во изолација, секако тие судења по сила на нештата се одложуваат. На колегиумите разговараме и на темата за застарување. Кога беше вонредната состојба имавме уредба со која роковите беа ставени во мирување. Со завршување на вонредната, таа уредба веќе не е на сила и постојано зборуваме на темата и бараме на некој начин оваа состојба да биде регулирана од страна на извршната власт, дали со носење на нова уредба што е тешко кога нема вонредна состојба или со донесување на друг пропис кој ќе биде ставен на рамниште на закон“,
вели Иван Џолев, претседател на Основниот кривичен суд Скопје каде се водат најголем број од судските процеси, меѓу кои и тие од организиран криминал.
Одложувањата во последните две недели поради ковид-19 имало и во Основниот ѓраѓански суд.

„Во последните две недели има неколку барања за одлагање. Од седум судења дневно се случува по едно барање да има поради позитивен резултат на некој од учесниците во постапката“е,
вели судијката од овој суд, Емилија Шопар Јованова.
Скептицизам за онлајн судења за кривични предмети
Идејата за онлајн судења, која во последниот период сè повеќе се наметнува во јавноста, за претставниците на судската фела е добра, но и постои скептицизам во нивните изјави за тоа дали може да се одржуваат онлајн судења конкретно за кривичните предмети.

За кое и да е судења, да може да се одвива онлајн треба да се променат законите бидејќи во мометов тоа е можно само со согласност на обвинетиот.
„Точно е дека дел од процесните закони не дозволуваат онлајн судење, веројатно ќе треба да се изврши интервенција во законодавна смисла. Инаку идејата е одлична за овие времиња, треба да се размисли во кој правец би можеле тие да се организираат, но сигурно не за сите судења. Имате вие еден куп одредби од Законот за кривична постапка кои го уредуваат токму прашањето за обезбедување присуство на обвинетите во една судска постапка, така што добро е да се размисли, нешто да се измени во таа смисла за да се овозможи судење онлајн, но не за сите судења, можеби за прекршочни судења“,
вели Џолев.
Кривичниот суд, вели тој, има мали технички капацитети во смисла на камери, прожектори, лаптопи, но сепак, би можеле да организираат две до три онлајн судења дневно.

Дека тешко би можело да се организира судење за кривични предмети, смета и претседателот на Здружението на судии Џемали Саити.
„Прво треба интервенција во процесните закони, но треба да се создадат услови. Мислам дека во вакви услови и во една контрадикторна постапка која се одвива кај нас, особено во кривичните предмети, е многу тешко преку онлајн судење да се обезбеди веродостојност на постапката особено имајќи ги предвид основните начела и на Законот за кривична и на Законот за парнична постапка. Мислам дека треба да се бара решение во друга насока“,
вели Саити.
Со порака дека мора прво да се менуваат законите за да има онлајн судење досега излегоа и од Судскиот совет.
Од извршната власт, пак, мината недела најавија дека ќе почнат консултации за тоа како да течат аудските постапки.
„Во соработка со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Врховниот суд и Адвокатската комора, Министерството за правда ќе започне консултативен процес чија цел ќе биде фер и ефикасно продолжување на судските постапки за време на пандемија. За време на вонредната состојба, преку Владина уредба се овозможи одржување онлајн-рочишта и продолжување на судските постапки. Ова беше позитивно искуство кое покажа дека за време на вонредната состојба судството треба и може ефикасно да постапува по итните постапки по електронски пат. Ова претставува и доказ дека е во интерес на сите страни во постапката судењата да продолжат, а притоа судењето да биде во целосна согласност со принципот на фер и правично судење“,
изјавија од Министерството за правда за 360 степени минатата недела.
Што предвидува новиот ковид-протокол?
Со новиот ковид-протокол кој денеска го промовираше Здружението на судии изработени се 10 000 флаери и 900 постери и истите денеска и утре ќе се дистрибуираат до сите судови во земјава.

Судијата Емилија Шопар Јованова која била дел од работната група што го подготвувала протоколот очекува дека претседателите на судови ќе ги применуваат и ќе ги прилагодат на нивните услови.
Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, пак, вели дека очекува Судскиот совет да донесе одлука протоколите да станат задолжителни.
„Не се задолжителни, но сметам дека се добра основа за постапување на претседателите на судовите. Можеби тука во блиска иднина ќе постапи и Судакиот совет со некоја нивна одлука во однос на задолжителната примена, но сепак со оглед на поставеноста на судовите, на вредностите и стандсрдите сметам дека протоколите ќе помогнат“,
вели Саити.
Протоколот предвидува на секое лице при влегување во судска зграда да му се мери температура, нешто што и досега се применуваше во Основниот кривичен суд во Скопје. Ако темературата е повисока од 37,3 степени тогаш лицето да не може да влезе во судот.

Задолжителното растојание од 2 метри и носењето маска се исто така дел од овој протокол.
„На влезовите во судската зграда и во судниците се поставуваат средатва за дезинфекција кои содржат најмалку 70% алкохол, со назнака за задолжителна дезинфњкција на рацете и чевлите“,
пишува понатаму во протоколот.
Задолжителното проветрување и дезинфекција исто така, е потребно да се прави во сите простории.

Од двата најголеми суда, Кривичниот и Граѓанскиот велат дека досега имало услови да се почитуваат протоколите.
„Судниците кои немаат прозорци се архитектонски решенија на кои ние немаме никакво влијание. Се трудиме што е можно повеќе да ги примениваме протоколите, се врши дезинфекција, се проветрува. Тоа е она што ние можеме да го направиме“,
вели првиот човек на Кривичен, Џолев.
И судијката Шопар од Граѓанскиот суд вдли дека досега успеала да се придржува до протоколите.
„Од мој аспект можам да кажам дека засега има услови. И во самите протоколи ќе прочитате дека претседателот на Советот или судијата кој постапува во некој предмет доколу утврди дека има премногу луѓе и не може да се запази тоа растојание од два метри, во тој случај има можност да отстрани дел од луѓето и присутните во судницата со тоа што би требало да се обезбеди, во секој слулај, да бидат присутни сите оние кои имаат покана за тој ден, дали се лица за распит дали се полномошници. До сега не сум имала проблем и се запазуваат сите мерки”,
вели Шопар.