Починаа четворица пациенти на штипското Инфективно одделение за едно деноноќие. Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска вели дека само еден 62-годишен пациент од Штип бил позитивен на коронавирусот, а останатите пациенти од Светиниколско, Кратовско и Виница биле сомнителни и ги чекале резултатите од тестовите.
На ова одделение во штипската болница се лекуваат 51 пациент од источниот регион, а остануваат уште четири слободни кревети.
Притисокот за прием на пациент се очекува да се намали од утре, кога треба да се стави во функција и Кожното одделение. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека во тек е техничко доопремување на оваа одделение, за да може да се примаат пациенти со полесна клиничка слика.
„На ова одделение ќе добиеме дополнителни десет болнички кревети за ковид инфицираните пациенти. Во моментов пациенти од целиот исток се препраќаат и во кочанската болница“, вели Ѓеорѓијев.
Што се однесува за состојбата со здравствениот кадар, таа се менаџира со лекари, медицински сестри и болничари од другите оддели, со цел пациентите да добијат соодветна здравствена грижа. Директорката на штипскиот Центар за јавно здравје е позитивна на коронавирус, но според епидемиологот Светлана Живкова, нејзиниот контакт со вработените секогаш бил со маска и друга заштитна опрема, па затоа никој од вработените не е испратен во изолација туку е издадена само препорака за следење на нивната здравствена состојба. Живкова вели ако има потреба вработените ќе се тестираат, но тврди дека при работењето се почитувале сите здравствени протоколи.
