Советот на Град Скопје на вонредна седница денеска одлучи да даде помош од 3 милиони денари за Измир чиј регион во петокот беше погоден од катастрофален земјотрес со јачина од 7 степени по Рихтеровата скала.
„Со оваа одлука, како израз на солидарност за настраданите, Градот Скопје дава помош во износ од 3 милиони денари, износ што го доделуваме на сите градови за вакви и слични неприлики. Градоначалникот Шилегов на седницата изјави дека Скопје знае што значи солидарноста во време на природни катастрофи и затоа потребата да се помогне на нашите пријатели во неволја е нужна и неминовна. Тој, до градоначалникот на Измир, Тунч Сојер, упати длабоко сочувство за настраданите и му посака брзо санирање на штетите и враќање на животот во нормала“,
соопштија од Град Скопје.
Бројот на жртвите од силниот земјотрес што се случи во петокот во егејскиот регион се искачи на 81.
Земјотресот беше со епицентар во Егејското Море, во близина на градот Сеферихисар во провинцијата Измир. Земјотресот се почувствува и на блиските грчки острови. Најмалку 20 згради се урнаа во Измир, а потресот предизвика мало цунами што ги зафати крајбрежните улици на Сеферихисар.
