Скопскиот кафе-бар „Интермецо“ си продолжил со работа и во текот на вчерашниот ден, иако претходно му беше изречено решение за забрана за работа од 30 дена. Инспекторите од Општина Центар го пломбираа кафе-барот по извршен увид по повеќе пријави од граѓани за гласна музика и бучава.
Но, како што информира градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, „Интермецо“ вчера продолжил да работи, а пломбата на влезот била отстранета.
„По извршените контроли на кафе барот „Интермецо”, вчеравечер истиот продолжил со работа и покрај изреченото решение и забраната за работа од 30 дена. Пломбата поставена на влезот на локалот е отстранета што согласно членот 389 од кривичниот законик, претставува кривично дело казниво со парична казна или со затвор до три години“,
информира Богдановиќ.
Тој најави дека по добивање на записниците, Општина Центар до надлежните органи ќе поднесе кривична пријава за симнување на службен печат.
Кафе-барот доби клуч на врата по постојани пријави од граѓани дека во локалот се пушта гласна музика и дека оттаму доаѓа голема бучава, инспектори од Општина Центар му издале решение за забрана за работа на кафулето за кое претходно имаше посочувања дека е меѓу оние што не ги почитуваат протоколите за заштита од ковид-19.