По пријави од граѓани дека во локалот се пушта гласна музика и дека има голема бучава, Општина Центар го затвори познатото скопско кафуле, на кое веќе му е изречена глоба од 6 000 евра
Кафе-барот „Интермецо“, во центарот на Скопје, заврши со клуч на врата и нема да работи во наредените 30 дена.
По постојани пријави од граѓани дека во локалот се пушта гласна музика и дека оттаму доаѓа голема бучава, инспектори од Општина Центар му издале решени за забрана за работа на кафулето за кое претходно имаше посочувања дека е меѓу оние што не ги почитуваат протоколите за заштита од ковид-19.
Како што соопштија од Општината, согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, Секторот за инспекциски надзор на Општина Центар донесе решение во кое на правниот субјект „Фор Фингерс“ ДОО, подружница бр.1 „Интермецо“ – Скопје, му се забранува да врши угостителска дејност во законски определен рок од 30 дена.
„По пријава и континуирани поплаки од страна на жителите на Општина Центар, констатирано е дека локалот и правниот субјект ‘Интермецо’ ги надминале пропишаните гранични вредности на емисионото право на бучава“,
соопштија од Општина Центар.
Оттаму велат дека на ова правно лице веќе му е изречена глоба во износ од 6 000 евра. Но, поради повторно непочитување на законските одредби, на кафе-барот „Интермецо“ му се изрекува забрана за вршење дејност.
„Апелираме до сите угостителски објекти да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина и да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за дозволеното ниво на децибелажа. Во интерес на граѓаните и подобрување на начинот на живот на центарци, Општината продолжува со редовни и засилени контроли и, согласно со своите надлежности, ќе преземе поригорозни мерки за санкционирање на сите правни лица – угостителски објекти кои нема да ги почитуваат законските прописи“,
се наведува во соопштението од Центар.