Нема потреба од менување на актуелниот модел за следење на наставата со физичко присуство, сметаат надлежните. И од Министерството за образование и од труд и социјална политика велат дека ситуацијата со коронавирусот е под контрола во училиштата и градинките, и дека секојдневно ја следат состојбата.
Според последната статистика, 60 ученици и 160 наставници на ниво на државата, кои се со физичко присуство во училиштата, се позитивни на ковид-19.
„На почетокот на оваа недела известивме колкав е процентот од вкупен број на ученици и ќе видите дека 0,05 проценти е заразеноста кај учениците и 0,6 проценти кај наставниците. Што значи не надминуваме ниту еден процент, немаме ширење на Ковид внатре во училиштата. Се додека не се создадат услови за затворање ние би останале на овој модел“,
рече министерката за образоваие и наука, Мила Царовска.
Според неа, има можност за заменски наставници во секој момент доколку се случи позитивен наставник, а наставниците можат да продолжат да изведуваат настава онлајн во случај да се изолира целото одделение.
„Сите држави во светот, а секако и СЗО и УНИЦЕФ препорачуваат училиштата да останат отворени. Секаде во свет се отворени. Ние немаме голем број. Тоа што е важно за нашиот систем, за нашата држава е да имаме континуитет во наставата и ние ќе се залагаме за истото“,
вели Царовска.
Со сличен став е и министерката за труд и социјална политика ,Јагода Шахпаска, која рече дека состојбата во градинките е под контрола, а тоа се гледа од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација, ако се има предвид дека во моментов околу 11 илјади дечиња се згрижени во овие установи.
„Од отворањето на градинките на 9 септември до денеска регистрирани се вкупно 33 деца позитивни на корона-вирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца. Поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач во изолација повлекува цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега. Кога се зборува за изолација треба да се нагласи дека тоа е бројка на лица ставени во изолација поради контакти, а не позитивни на коронавирусот“,
рече Шахпаска.
По неколкумесечниот прекин, градинките почнаа со работа на 9 септември. Училиштата ги отворија вратите за физичка настава само за учениците до трето одделение. И едните и другите работат под посебни протоколи за функционирање во услови на пандемија предизвикана од ковид-19. Останатите ученици наставата ја следат онлајн.
