Во врска со преговарачката рамка, Захариева оцени дека Бугарија во моментов не е во состојба да ја одобри во сегашната форма
Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија ги има сите гаранции да се применува во добра волја и од двете страни. Нам целта не ни е да ја блокираме, туку напротив, во изминатите 30 години сме и помагале на Република Северна Македонија. Како што ние ја признаваме реалноста, така и тие треба да го признаат минатото и тука нема ништо сложено, вели шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, во интервју за БГНЕС.
„И покрај многу шпекулации во медиумите, особено во Северна Македонија, ниту сме барале промена на Уставот, ниту имаме нови барања, ниту пак сме го оспорувале правото на самоопределување на секој граѓанин, вклучително и на граѓаните на Северна Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како што сакаат“,
вели Захариева.
Потсети дека Бугарија, за време на нејзиното претседавање со ЕУ, ја ставила повторно на дневен ред темата за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, исто како што е тоа цел и на актуелното германско претседателство со Советот на ЕУ.
Захариева вели дека тимовите на министерствата за надворешни работи помеѓу двете земји се во постојана онлајн-комуникација за решавање на преостанатите прашања.
„Во секојдневни преговори сме. Денес тимовите на нашите министерства за надворешни работи се обидуваат да ги решат спорните прашања, така што гледаме напред. Но, малку време останува. Преговорите се интензивни“,
рече Захариева.
Потсети дека на седницата на 10 ноември на Советот за заеднички работи треба да се одобри Преговарачката рамка, но тоа, според неа, не е конечен датум.
Во врска со преговарачката рамка, Захариева оцени дека Бугарија не е во состојба да ја одобри во сегашната форма, во која е претставена.
„Засега Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во оваа форма. Имаме време, но многу малку“,
рече Захариева.