Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и скопските пожарникари не се договорија околу нивните барања за исплаќање на додатоците за плата.

Тие се сретнаа во станицата на Противпожарната бригада во Автокоманда и на средбата Шилегов им понуди преку медијација, наместо со тужби, да ги добијат додатоците на плата, а измените во Законот за пожарникарство, со кои би се решил проблемот, нагласи, треба да стапат во сила во јуни 2021 година.
„Овој проблем е стар повеќе од 15 години, мапиран е и лоциран е, направена е работна група. Се вршат измени во Законот за пожарникарство, кои треба да стапат во сила во јуни 2021 година, каде што дел од барањата што ги имаат пожарникарите ќе добијат законска основа. Во меѓувреме, секој од пожарникарите по своите поединечни тужби ги добива надоместоците, односно Градот им ја врши исплатата. Со цел да помогнеме да се забрза тој процес или да има законски основа да ги исплаќаме, ние нудиме во тој процес да влезе и медијација“,
изјави Шилегов.
Тој посочи дека не станува збор за недостиг на волја, туку станува збор за недостиг на законска основа за да може да се исплаќа платата така како што бараат пожарникарите.

Меѓутоа, пожарникарите не се задоволни и велат дека имало доволно време да се средат законските измени.
„Не сме задоволни од денешната понуда на градоначалникот кој е три години на функција. Имаше време да го среди Законот досега и ние ќе продолжиме со нашата агенда, односно протест пред Град Скопје. Протестот ќе биде секој ден во работното време на градоначалникот. Само смената што е на работа ќе си остане на работа со полн капацитет“,
изјави Дејан Исајевски, командир за одделение во Бригадата за противпожарна заштита и член на иницијативниот одбор.
Тој вели дека медијацијата што ја понудил Шилегов останува и прашањето со тужбите ќе се реши со или без медијација, но тие сакаат да се регулира овој проблем со платите за да не се соочуваат со него секој месец.