Двајцата бизнисмени Зоранчо Митровски и Томче Главчев и адвокатот Сашко Бошков денеска треба да сведочат на судското рочиште за предметот „Рекет“ во кој осомничени се Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
Митровски и Главчев се осомничени во истрагата „Поштенска банка“ која СЈО ја отвори лани во октомври. Во судскиот процес за Јовановски и Јанева се очекува да сведочи и обвинителот Бурим Рустеми, кој ја води истрагата „Поштенска банка“. Тој веќе даваше исказ додека случајот „Рекет“ беше во фаза на истрага. Случајот што тој го води и во кој се осомничени двајцата бизнисмени се однесува на перење пари во периодот од 2001 до 2010 година, а вкупно се опфатени девет лица.
„Поштенска банка“ е предметот кој заедно со „Империја“ го спомена обвинителката Лиле Стефанова во писмена изјава откако изби аферата „Рекет“. Обвинителката наведе дека Катица Јанева барала од неа и Рустеми да подготват извештај за истрагите, да се затворат предметите со плаќање отштета без некој да оди во затвор.
„Ни беше наложено, најдоцна до 6 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените треба да ја платат на државата, по што предметите треба ‘да бидат затворени’ и осомничените ‘да не одат во затвор’. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот ‘Империја’ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период“, наведе Стефанова во изјавата.
Сведочењето на осомничените во „Поштенска банка“, Митровски и Главчев, во судскиот процес за „Рекет“ ќе следува откако на претходните рочишта јавноста имаше можност да го слушне исказот на Орце Камчев, бизнисменот кој е осомничен, пак, во „Империја“ и кој го пријавил рекетирањето кај обвинителката Вилма Русковска. Сведочеа и неговата сопруга Ана Камчева и нивната сметководителка.
Името на Томче Главчев изминатиот период често беше споменувано во врска со останатите сведоци кои треба да сведочат денеска и на наредното рочиште. „360 степени“ во август пишуваше за чудна коинциденција, кога две недели по отворањето на истрагата „Поштенска банка“ (13 октовмри 2018) осамна пи-ар текст на сајтот на 1ТВ (29 октомври 2018 г.) за „НОЕЛ Гевгелија“ – една од фирмите каде сопственик е Главчев. Во пропагандниот текст, кој сè уште е достапен, фирмата е прикажана како успешна македонска бизнис-приказна, а Главчев како исклучителен пример за успех во бизнисот со активна свест за општествена одговорност. Месеците претходно на 1ТВ се емитуваше и реклама за „НОЕЛ Гевгелија“, позната по производство на кошули.
Порталот „а1он“, пак, пишуваше дека еден стан на бизнисменот не се најде на листата на замрзнат имот, што го купува ексдиректорот на МЕПСО, Сашо Василевски, кој пак важи за близок до Катица Јанева. Купопродажбата се случува на 30 октомври 2018, што е 17 дена по отворањето на истрагата „Поштенска банка“.
Дали сведочењето на Главчев ќе биде и за овие околности за кои се пишуваше, ќе покаже текот на денешното рочиште. Тој и останатите двајца сведочи денеска во судница ќе се соочат со Јовановски и Јанева, на кои друштво на првото рочиште им правеше и Зоран Милески-Кичеец, но тој призна вина и доби три години затвор.
На наредното рочиште, пак, меѓу тројцата сведоци кои се повикани, треба да се појави и поранешен новинар во 1ТВ.
Во рамки на оваа афера наскоро се очекува уште едно обвинение кое се однесува на работата на невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Боки 13. Тој и таму е првоосомничен, а се товари за измама и за перење пари. Осомничени во овој дел за помагање во двете дела се и заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, таткото на Боки, Миле Јовановски, и асистентката Христина Блажевска. Пратеничката Фросина Ременски, која е и почесен претседател во невладината, е осомничена за помагање во делото измама.
Истрагата за овој дел од „Рекет“ е завршена, а во понеделникот заврши и распитот на сите обвинети. Обвинителката Вилма Русковска неодамна изјави дека се надева оти ќе поднесе обвинение на почетокот на јануари.