Одложувањето судски рочишта токму поради состојбата со коронавирусот во последните десетина дена можеше да се забележи и во пракса
Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев најави дека се размислува и судењата да бидат онлајн
Министерот за правда Бојан Маричиќ смета дека поради новата состојба со коронавирусот, и судството треба да функционира онлајн.
„Ова ново време на светска пандемија, донесе нови предизвици и за правосудството и бара нови решенија како да функционира системот, да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата. Учениците, наставниот кадар и образовниот систем со извонредна посветеност, соочувајќи се со многу предизвици, покажаа дека системот во овие времиња треба и може да функционира и онлајн“,
вели Маричиќ во виде обраќањето по повод Европскиот ден на правдата, 25 Октовмри.
Тој посочува дека за време на вонредната состојба, во судството имаше примери што покажуваат дека може да се функционира и онлајн и дека ова може повторно да се воведе во пракса.
Поради состојбата со коронавирусот и одложувањето на рочишта, бидејќи меѓу обвинетите има позитивни или во изолација, се размислува и судењата да бидат онлајн.
Според претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, има една препрека поради која се доведува во прашање спроведувањето на ваквата идеја, а тоа е согласноста на обвинетиот за ваков тип судење.
Одложувањето судски рочишта токму поради состојбата со коронавирусот во последните десетина дена можеше да се забележи и во пракса.
Минатата недела
Минатата недела се одложија две судски рочишта за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“ бидејќи Сашо Мијалков првично имаше симптоми, а потоа доби и позитивен резултат на тестот. Во овој предмет се одложија уште неколку рочишта кои беа закажани до крајот на октомври.
Од предметите што беа иницирани од СЈО, а сега е во редовните обвинителства, претходната недела не се одржа ниту рочиште за ТНТ затоа што адвокат беше во изолација.
И случајот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“ имаше одложување бидејќи двајца обвинети, Трајко Вељаноски и Спиро Ристовски, исто така се во изолација затоа што имале контакт со нивни блиски кои биле позитивни на вирусот.
Оваа недела се одложи судењето за предметот „Титаник“, кој се однесува на изборни измами бидејќи функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер, кој е меѓу обвинетите, е позитивен на ковид-19.
