Неодговорно е да се најавува нова финансиска поддршка, без да се дадат одговори што стана со оние што ги злоупотребија претходните субвенции, вели Ампева
Каде завршија парите што стотици компании ги зедоа како субвенции, а не им дадоа плати на вработените, прашува Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“, коментирајќи ја најавата за нова владина помош за поддршка на стопанствениците за исплата на плати.
„На Влада бил утврден Законот за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година од Ковид економските мерки. Сега оди на Собрание и таму да биде изгласан. Немам ништо против поддршката на стопанството. Но, пред тоа Владата треба да даде одговор до каде е ситуацијата со претходно злоупотребената финансиска поддршка која беше наменета за работниците. Имаше 300 компании кои воопшто не исплатиле плата и над 7000 компании кои исплатиле под минималната плата“,
потенцира Ампева.
Таа порача дека неодговорно е да се најавува нова финансиска поддршка, без да се дадат одговори што стана со оние што ја злоупотребија претходната државна помош.
„Да се разбереме, државниот буџет е на народот, политичарите не го донеле од дома. Кредитите ги враќа повторно народот, а не политичарите. Затоа нова финансиска поддршка без претходно да ни се дадат одговори што стана со злоупотребите на наменски буџетски средства од претходните мерки, е нефер, нетранспарентно и неодговорно“,
посочува Ампева.
Владата на крајот од јули објави список од фирми што ја злоупотребиле државната помош. Станува збор за за 708 компании кои за април и мај зеле околу 385 000 евра од државата за субвенции на платите, но не им ги исплатиле на своите вработени.