Десет дена откако средното училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци објави демант и објаснување за нивниот проект од програмата „Еразмус плус“, голем број медиуми и натаму зборуваат за магаре или магариња што биле тренирани за 83 илјади евра, пишува „Призма“.
Во нивната анализа за тоа како дезинформациите остануваат во фокусот на јавноста, иако биле демантирани и објаснети, „Призма“ пишува и за други примери кои беа актуелни низ медиумите.
„Од бадемите и лешниците за министерски кабинет, преку владините набавки на лубриканти и кондоми, па сѐ до тренирањето магариња, многубројни се примерите на македонската медиумска сцена кога одредена дезинформација продолжувала да се шири, и покрај тоа што била демантирана и објаснета“,
се вели во текстот.
Во врска со последниот случај со „Еразмус“ и проектот за „Обука за копитари – магаре и коњ“ што го доби училиштето „Ѓорче Петров“ во Кавадарци, „Призма“ пишува дека освен дека братот на пратеник од СДСМ бил директор на училиштето, не се објавија други информации со кои проектот би се покажал како проблематичен.
Директорот Горан Велковски во изјава за „Призма“ вели дека не му е јасно како дезинформацијата сè уште не е оспорена.
„Работата целосно излезе од контрола. Учениците се вознемирени“,
вели тој.
Додава дека локалната јавност во Кавадарци прво била зачудена, но бргу сфатила за што станува збор бидејќи било објаснето преку локалните медиуми, а знаела и какво е училиштето.
„Ама на национално ниво дезинформацијата се шири и се шири“,
додава директорот.
„Призма“ во текстот пишува дека тешко е да се очекува дека ќе запре спиралата на ширењето на веста за тренираните магариња, ако се суди според поранешните примери.
„Почесто има примери со повторување отколку со запирање. Така, секогаш кога рестораните на АРМ имаат потреба да набават лешници, бадеми, торти и колачи, морски плодови и друго, дел од медиумите објавуваат дека тие набавки се вршат за во кабинетот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Сѐ оди и со наслови дека таа ќе ги изеде сите тие производи вредни десетици илјади евра“,
се вели во текстот.
Министерството објаснило дека набавките одат преку него, но дека станува збор за набавка за десетте касарни во државата, како и за неколку постојни воени угостителски објекти, што значи дека храната е наменета за македонските војници и за посетителите на угостителските капацитети. Според тоа објаснување, не станува збор за „скандалозни трошоци“, туку за остварување приходи.