Наместо за компјутери за онлајн настава, според опозицијата, парите од Агенцијата за образовни програми се трошеле за тренинзи на магариња, поради што, како што рече Милошоски, Димова не е единствена што треба да понесе одговорност
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе на протест против незаконско трошење на европските пари за проекти во образованието.

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, според пратеникот Антонио Милошоски, незаконски потрошила пари за тренинзи на магариња, испробување на сирење и за фризерско студио.
„Многу неморално е во вакво време на пандемија овие 500 000 евра да бидат вака потрошени. Тие пари требало да бидат потрошени за болниците во Струмица, Битола, Тетово…, за обука за персонал или за компјутери за деца кои не можат да следат наставата онлајн“,
изјави Милошоски.
Но одговорноста, како што рече, не е само кај Димова, туку и кај тие што ја поставиле на таа функција, посочувајќи на премиерот Зоран Заев и на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Изјавата дека членови на Владата ќе ја повикаат Димова да даде оставка или ќе ја разрешат, според Милошоски, се стари трикови на Владата на СДСМ.
„Најдобар пример за тоа е еден поранешен пратеник за кого сите слушнавме како нарачува дрога, се направи притисок во јавноста да даде оставка. СДСМ тврдеше дека тој ќе одговара пред Обвинителството, но никој никогаш не поведе постапка. Вториот случај е поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, за кого видовме како зема кеш. Даде оставка и никогаш повеќе не видовме случај од Обвинителството. Овој пат, доколку е искрена намерата, СДСМ треба да ги повика да дадат оставки и директорот на училиштето во Кавадарци кој земал околу 200.000 евра и неговиот брат-пратеник, поради конфликт на интереси“,
рече Милошоски на вечерашниот протест.
