Ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50 отсто, целосна забрана за секакви настани и работното време на сите економски субјекти да биде до 23 часот.
Ова се дел од мерките што Комисијата за заразни болести е можно в понеделник да ги предложи до Владата доколку трендот на зголемување на бројот на заразени со ковид-19 продолжи во текот на викендов.
„Овој пакет мерки, заедно со претходниот што треба да помине на Собрание следната недела, мислам дека сериозно ќе ја забави трансмисијата на вирусот“,
рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој потсети дека во претходниот пакет мерки, за кој се чека да се направат измени во Законот за заштита на население од заразни болести, вклучува задолжително носење маска на отворено, забрана за групирање во домови на семејни прослави или да може да се примат најмногу четири луѓе. Предложено е да се забрани и групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или каде било на отворено.
Филипче рече дека менаџирањето на болничките капацитети е еден од најбитните параметри, а лекарите се веќе распределени по принцип на ротација. Додаде дека е подготвена модуларната болница до Инфективната клиника, но таму сè уште нема пациенти.
Тој потсети дека бројките на новозаразени насекаде во регионот и во Европа се зголемуваат, како што и се очекуваше за есенскиот бран, и во сите земји се воведуваат рестриктивни мерки.